Стоп за распродажба на Мауцкер за едно евро по квадрат реагираат во дописот пратен до медиумите од Левица Охрид. На следната седница на Советот на Oпштина Охрид (закажана за петок), една од точките на дневен ред е Предлог- програмата за управување со градежно земјиште во сопственост на општината, а дел од оваа програма е оттуѓување на градежното земјиште кај Мауцкер по неверојатна цена од едно евро по квадрат, посочуваат.
Оваа скандалозна точка по втор пат се обидува градоначалникот Пецаков да ја протне на Совет, овој пат за време на одмори, кога граѓаните не ги следат тековните политички збиднувања. Во месец декември оваа точка прв пат дојде на дневен ред, при што советничка од Левица, Виолета Аврамоска јавно алармираше и истата беше тргната од дневен ред, наведуваат во реакцијата.
Додаваат дека утре во 10:00 часот е закажана оваа точка на Комисијата за урбанизам, при што апелираат и останатите советници да се спротистават на распродавањето на општински имот за ниски цени.
Безредието, хаосот и узурпацијата на градежното земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Охрид продолжува и после промената на локалната власт, со што паѓаат во вода ветувањата на градоначалникот дека ќе работи единствено за интересите на Охрид и Охриѓани. Со вакви одлуки се поддржуваат локални моќници и нивните бизниси, кои често се финансиери на владејачките партии, посточуваат во реакцијата.
Повикуваме градоначалникот Пецаков да излезе пред јавноста и да ги запознае граѓаните за целите и мотивите на оваа скандалозна одлука. Речиси и да не постои земјиште во сопственост на Република Македонија каде нема апетити од страна на урбанистичката мафија, со „амин“ од надлежните за заштита на градот на УНЕСКО!- стои во реакцијата на Левица Охрид.
Во меѓувреме предлог одлуката ја мина комисиската расправа и во петок ќе се најде на седница на советот.
За гласаа двајцата членови од ВМРО-ДПМНЕ Перчо Божиновски и Горан Маркоски, додека единствено против гласаше советникот на Левица, Виолета Аврамоска. Со ваквото гласање, оваа точка ќе се најде на дневен ред на седницата на Советот на општина Охрид во петок. – информираше Левица.
OhridNews













