Локалната самоуправа ќе го раскине договорот за закуп на паркинзите , склучен со концесионерот во јули 2012 година, а за вториот договор склучен на 1 март 2013 кој се однесува на поширокото градско подрачје, општината ќе  поведе судска постапка за утврдување на неговата ништовност.

Вака одлучија советниците по денешната информација од страна на градоначалникот Никола Бакрачески за состојбата со паркинг просторот во градот, при што беа потенцирани низа недостатоци во однос на склучените договори за закуп.


– По задолжение на советот , јас имам обврска да го раскинам договорот и тој во иднина нема никакво правно дејство. Со стручните служби е веќе разговарано за во наредниот период да се почне постапка за давање на паркинзите на користење на некое од јавните претпријатија,кое ќе стопанисува со паркинг просторот. Тоа го бараа и граѓаните кои пред се забележуваа на високите цени при наплата за паркинг, изјави градоначалникот Бакрачески.

Според наодите на комисијата за испитување на правната издржаност и економска оправданост од издавањето под закуп на паркинзите, закупецот не исполнал една од суштествените договорни обврски. Имено, закупецот не ја исполнил обврската со која се обврзал да превземе 12 вработени од закуподавецот ЈП Билјанини Извори, на неопределено време за цело времетраење на договорот, веднаш по склучувањето на договорот.  Закупецот како работодавач на ден 15.04.2013 год.( после повеќе од 9 месеци по склучување на договорот) пријавил само 10 работници од списокот на ЈП Билјанини Извори, и тоа со статус вработени на определено време. 

Што се однесува на вториот договор склучен на 1 март 2013 година, како што информира градоначалникот Бакрачески, бил потпишан од екс градоначалникот без да се произнесе комисијата за спроведување на постапката.

–  Комисијата, формирана од тогашниот градоначалник,  се обратила до антикорупциската комисија за мислеење околу постапката. Од страна на Антикорупциската, во два наврати  било побарано постапката да се прекине , а со последниот допис и да се поништи. Врз основ на укажувањата, општинската Комисија се произнела за поништување на постапката за издавање под закуп на на 1 април 2013, но екс градоначалникот веќе имал потпишано договор за закуп еден месец пред тоа, потенцира Бакрачески.


Градоначалникот Бакрачески доби подршка и од советниците од опозицијата околу преземањето на законските мерки за откриените нерегуларности во склучените договори. Но, тие со став- дека не се сложуваат дека минатиот состав на советот донел неразумна одлука во штета на граѓаните. 

– Денес ги изнесов сите факти кои кажуваат дека минатиот состав на советот работел според законските прописи. Советниците немаат увид во ниту еден договор , постапка за објавување, тендер или оглас или избор на комисија. Единствени примедби беа дека имало неправилности во постапката на објавување, огласување, избор и склучување на договорите, што е надвор од надлежностите на советот . Ние како опозиција муу даваме подршка на градоначалникот за спроведување на сите законски  мерки,доколу имало такви нерегуларности и да ги пријави до соодветните органи.За финанскиските  последици во информацијата не добивме податоци и врз основ на информацијата не можевме да заклучиме дека договорите, односно постапките биле штетни за Охрид, изјави координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

Т. Кувенџиска