Комисијата за заштита на животната средина и природа при советот на општина Охрид изрази загриженост за поморот на плашицата во каналот Студенчишта и бара надлежните што поскоро да ги изнесат точните причини поради кои дојде до угинувањето на над 15 тони плашица.

Како што информира претседателот на Комисијата за животна средина , Орхидеја Тасевска, по предлог на советникот Дејан Пановски, на денес одржаната седница на комисијата меѓу другото, се разговарало околу последните случувања . При тоа бил донесен заклучок со кој од надлежните се бара да достават официјални податоци зошто дошло до поморот, со цел да се превземат соодветни мерки за понатамошно спречување на угинувањето на плашицата.

Од локалната самоуправа, бараат надлежните државни органи кои стопанисуваат со Охридското Езеро и крајбрежјето, односно Министерството за транспорт и врски, под итно да го исчисти Студенчишкиот канал во кој има повеќе од еден метар неисчистена тиња.

Со чистењето ќе се зголеми длабочината на каналот и влез на езерска вода полна со кислород, неопходен за преживување на плашицата, велат од локалната самоуправа.

Оттаму сметаат дека вина сноси и ЕЛЕМ , кој во договор со Владата за произзводство на струја отпуштал големи количини вода од Охридското Езеро, при што дошло до намалување на нивото на езерото и прекинување на врската со крајбрежниот појас и помор на плашицата.

Локалната самоуправа, не гледа вина кај МЈП „ Проаква “ бидејќи не може да обезбеди поголем дотек на вода преку Билјанините извори. – Се работи за затворен систем за водоснабдување на населението кој во услови на намалена издашност на изворите ,не може да испушта вода преку Билјанините извори , но и ако испушта тоа ќе биде малку за да се поправи лошата хидролошка состојба во Студенчишкиот канал, велат од локалната самоуправа. 

На изнесените ставови од Локалната самоуправа реагираше подносителот на иницијативата за разгледување на актуелната состојба со поморот на риба во Комисијата за заштита на животната средина, Денај Пановски. Тој смета дека иницијативата е злоупотребена од страна на локалната самоуправа.

– Иницијативата имаше за цел Комисијата за животна средина  да изрази загриженост , да побара доставување на информации и да побара мерки од страна на надлежните институции за поморот веќе да не се повтори. Тоа беше и заклучок на Комисијата. Зошто Локалната се најде себеси за повикана да коментира нешто за кое сеуште нема официјална информација ниту има познавања да оцени, зошто МЈП Проаква се најде прозвана да одговара за нешто за кое официјално од институција не е прозвана и зошто Локалната си дозволи една реална иницијатива да ја дефокусира и манипулира? Очигледно феноменот мувата на капата е тежок феномен во Локалната.-се вели во реакцијата на координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Дејан Пановски

OhridNews