Поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Обединети за Македонија кој моментално е во затвор, шефот на неговото обезбедување Зоран Трајковски и други полициски функционери се осомничени дека се вмешани во убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, пренесува „Макфакс“, повикувајќи се на изнформации од МВР.
По повеќе од десет години, на барање на обвинителството, Министерството за внатрешни работи изутрината приведе девет лица под сомнение дека го извршиле и помагале во убиството.
Српските државјани Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ се осомничени дека се директни извршители на двократното убиство, но сега се во бегство. Во бегство е и уште еден српски државјанин и двајца поранешни функционери кои сега се во пензија.
Бошковски кој беше министер во 2001 година, кога се случи убиството, неговиот шеф на обезбедувањето Зоран Трајковски, Сашо Јовановски викан Тупан, вработен во секторот за набљудување и следење при МВР и други полициски функционери се осомничени дека знаеле за убиството и го помагале.
„Дел од вработените во МВР во време на извршување на кривичното дело се товарат дека знаеле и дека ги помагале сторителите на убиството од самиот почеток, додека останатите се товарат дека преку непостапување им овозможиле да избегаат од Македонија. Лицата кои денеска беа приведени, се на распит пред истражен судија“ изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.
Тој вели дека ова не е политичко апсење, туку расчистување на убиство кое досега било мистерија. Според информациите на МВР, неколку од осомничените сé уште работат во МВР.
Бошкоски денескане бил однесен на распит кај истражен судија, но ако биде потребно ќе даде исказ.
Марјан Тушевски и Кире Јанев беа убиени на 10-ти јули 2001 година. кога излегувале од кафулето „Панта реи“ во скопската населба Капиштец. Прво со 11 куршуми беше убиен Тушевски, а потоа напаѓачите пукале и кон Киро Јанев кој се обидувал да избега.
Мотивот за убиството сé уште не се открива, но неофицијално една од причината за убиството биле нерасчистени сметки и пари.
Како што пишува тогаш медиумите, Тушевски имал многу непријатели, бидејќи се занимавал со изнуда на пари, односно вршел рекет на речиси сите дуќани во трговскиот центар Беверли хилс и повеќе приватни претпријатија од Скопје.
Полицијата ова убиство го поврзуваше и со инцидентот што наводно се случил претходно, кога шурата на министерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, бил претепан од неколку лица, а потоа со автомобил бил одвезен на Водно, каде што насилниците го оставиле и си заминале, пишува „Макфакс“.
извор: „Макфакс“