Во сабота, 21 септември, од 11 часот, на градскиот плоштад во Охрид во организација на општинскиот Црвен крст и Стоматолошкиот центар Д-р Баткоски, по 11-ти пат ќе се одржи традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“.

Настанот опфаќа трки, спортски, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди.

  • Како и секоја година ветуваме убава забава, дружење, наградување. Сите кои ќе земат учеснички број или талон и учествуваат во некоја од понудените спортски дисциплини, доколку освојат прво, второ или трето место добиваат соодветни награди, а останатите треба да ги чуваат учесничките броевите и во средината на октомври ќе има јавно извлекување. Подготвени се вредни награди меѓу кои зимување на Златибор, престој во Суботица, викенд во Крушево, курсеви за странски јазици, информира Мимоза Ставрева од Црвен крст Охрид.

Традиционален партнер на акцијата „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ е Стоматолошкиот центар Д-р Баткоски во соработка со Виа Фарм аптеки.

  • И оваа година подготвивме голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните. Заедно Аптеки Виа Фарм и Алкалоид Скопје, ресторан Виа Игнација Вевчани и “Curaprox” подготвија бројни изненадувања за децата, најави д-р Катерина Верушевска од Стоматолошкиот центар Д-р Баткоски.

Настанот е поддржан и од Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“ и Сојузот на училишен спорт.

OhridNews