
Одлуката на Обвинителството роднините на загинатите мировници ја дочекаа со извици „Срамота!“ и со солзи во нивните очи.
„Криви се тие што ги нема. Три години знаевме дека за инструментите што беа ставени во хеликоптерот дека немаше направено обука. Зошто државата ги испрати во Босна кога не се спремни за такво нешто. Ние првин ќе ја бараме командната одговорност“ вели Сузана Стојановска, сестра на капетанот Бране Спасовски.
„Син ми беше пилот кој беше обучен за сите хеликоптери. Зошто велат дека имало две комисии кога работеа три комисии“ вели таткото на Бране, Стојан Спасовски.
Јавниот обвинител, Шврговски денеска на пладне соопшти дека нема да се поведе кривична постапка против никого за оваа несреќа која се служи во 2008 година. Како што рече по извештаите на комисиите кои се формираа за да ги испитаат причините за несреќата, во Генерал Штабот и Владата, сега оваа одлука се потпира на експертизата на што ја направи британскиот капетан Едвард Пули. Со оваа експертиза која се чекаше во Македонија скоро три години се откриле точните причини за падот на хеликоптерот.
„Британскиот експерт, капетан Пули посочува дека единствена причина која што довела до пад на хеликоптерот е губење на контрола на екипажот во сложени временски услови, поради што се случи трагичниот настан. Губењето на контролата е детерминирана од сложените временски услови односно од неспособноста да се управува во сложени метеоролошки услови со вградените инструменти, бидејќи двајцата пилоти немаат обука за управување на хеликоптер со инструментите кои што беа вградени и кои како високософистицирана опрема бараат дополнителна обука, која пилотите ја немаат. Инструментот САНДЕЛ , за инструментално водење, не за визулено, на хеликоптерот кој во извештајот на комисјата за цивилна и воздушна пловидба беше наведен како еден од причинителите за падот на хеликоптерот,британскиот експерт недвосмислено го отстранува какао причина.“ рече Шврговски..
Според него, Пули детектирал пропусти и кај контролата на летот и кај командантот на воздухопловниот винг во Босна и Херцеговина во делот на одобрување на маршрута во сложени метеоролошки услови, но овие пропусти не биле директна причина за несреќата.
Македонските мировници кои се враќаа дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, на 12 јануари 2008 година загинаа кај катлановско Блаце.
За испитување на причините за несреќата Владата формира посебна Комисија со која претседаваше заменик-министерот за надворешни работи Зоран Петров. Државната комисија во извештајот наведе пет причини кои придонеле за несреќата – неповолни временски услови, непочитување на процедурите, неисправност на инструменти во хеликоптерот, пропусти во обуката на пилотите за инструментално летање и недисциплинираност на екипажот.
Во хеликоптерска несреќа кај Катланово животот го загубија потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.
Хеликоптерот „МИ 17“ со кој 11-те мировници тргнаа во последниот нивни лет, беше од руско производство, наменет за транспорт на луѓе и товар, за воздушни десанти и за огнена поддршка.
извор: „Макфакс“












