Само пет дена по назначувањето, новите уметнички селектори на фестивалот „Охридско лето“, Горан Стојаноски и Маја Чанаќевиќ, се повлекоа од функциите кои требаше да ги извршуваат во најпознатата културна манифестација во земјава. Стојаноски е актуелен раководител на Охридскиот народен театар, а Чанаќевиќ на Македонската филхармонија, што, како што дознаваме, била и една од причините за нивно повлекување од фестивалот „Охридско лето“.

За својата одлука актерот и режисер Горан Стојаноски писмено ја известил управата на фестивалот, со образложение дека не може да одговори подеднакво квалитетно на потребите на двете културни институции.

Моите обврски кон Охридскиот народен театар се големи и не ќе можам целосно да одговорам на обврските кои ги носи новата функција, што сметам дека би влијаело на квалитетот и на едната и на другата институција, го образложува својот потег Стојаноски.

Селекторите на фестивалот по статут ги назначува директорот на установата, од каде засега нема официјален коментар за најновите случувања, кои можат да се одразат на подготовките на новото издание на Охридско лето. Останува нејасно како и зошто дојде до ваков неочекуван расплет на настаните во фестивалот, дали можеби е направена лоша проценка, или се работи за нешто друго.

Од министерството за култура со став дека Македонската филхармонија и охридскиот Народен театар се сериозни институции кои бараат постојан ангажман од раководните лица.

– Согласно тоа не е возможно исти лица да бидат уметнички селектори на фестивал како што е „Охридско лето“ и истовремено да менаџираат со институциите каде се директори, потенцираат од министерството за култура. Оттаму информираат дека денес до нив стигнале и писмените одлуки на Стојаноски и Чанаќевиќ дека се повлекуваат од извршувањето на функцијата уметнички селектори на фестивалот.

Официјално во моментов фестивалот Охридско лето е без драмски и музички селектор.

Г. Момироски