Во организација на општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца, локалната самоуправа на општина Дебрца и ОУ „Дебрца”, денес, се одржа пригодна свеченост по повод 74 година од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ и други значајни настани од НОВ и Револуцијата во 1943 година.

Прославата започна во село Црвена Вода, каде беше положено свежо цвеќе на спомениците на паднатите борци од НОБ и жртвите на фашистичкиот терор, а се посети и спомен Домот на ГШ на НОВ и ПОМ.

Во 12 часот се одржа свечена седница на советот на општина Дебрца, на која се обрати градоначалникот на Дебрца, Игор Трајкоски.

– Особено ние, Дебрчани, сме горди на нашето минато, на нашите вечни слободарски идеали со кои и денес чекориме, обидувајќи се да и дадеме нова смисла и димензија на Дебрца, на обидите нашите поколенија, задоени со вербата и верата во Македонија како единствена родина, да имаат подобар и посигурен живот, рече Трајкоски.

Во рамки на одбележувањето на настанот, пригоден говор, одржа и Веле Митаноски, новинар во пензија и член на ОО на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца. Митаноски, Манифестот, по своето значење, го  спореди со Крушевскиот манифест од 1903 година и Манифестот на Првото заседание на АСНОМ, од август 1944 година.

– Тука во Црвена Вода се донесоа пресвртни одлуки за Македонија, пред се Манифестот на Главниот штаб на чело со генералот Михајло Апостолски. Во него е претставена е платформата на НОБ и македонската државност на Македонија и што е најважно тој Манифест го потпишуваат сите членови на Главниот штаб со полни имиња и презимиња, со што се симнаа сите сомнежи наметнати од тогашната пропагандата дека во Македонија не се борат Македонци, со цел да се минимизира народно–ослободителната борба – рече Митаноски.

Митаноски потсети дека, покрај овој настан, на теренот на Црвена Вода се имаат случено и други настани. Пред се, формирањето на иницијативниот одбор на АСНОМ, изборот на делегатите за заседанието на АВНОЈ, доаѓањето на британската сојузничка мисија, функционирањето на Главниот штаб на ЦК на КПМ од Лопушник во Црвена Вода, првите диверзантски акции и многу други.

– Догодина овде ќе организираме јубилејна прослава. Во таас мисла сакаме да ја обновиме нашата идеја, нашиот предлог до  институциите во Република Македонија, во иднина, создавањето на македонската држава и државност, со сите атрибути на власта и армијата, да ги славиме во ова село и повеќе никого да не молиме, како што е тоа случајот со манастирот „Прохор Пчински“.Општинската организација на сојузот на борците за Охрид и Дебрца, покрена иницијатива, Црвена Вода и Дебрца, да бидат замена за прославата во манастирот „Прохор Пчински“– напомена Митаноски.

Според Митаноски, за тоа постојат многу причини: – Заседанието на АСНОМ е подготвувано токму овде. Овде е формиран Иницијативниот одбор, од овде тргнале делегатите, овде се удрени темелите на македонската државност. Нема потреба повеќе да се молиме и понижуваме. Црвена Вода и општина Дебрца стојат на располагање токму овде да се слави АСНОМ – заврши Веле Митаноски, кој говореше во својство на член на член на ОО на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца, член на ОО на Организацијата на ветераните и претседател на Огранокот за Охрид на Партијата на пензионерите на Македонија.
 .