По одлуката на шефот на државата Ѓорге Иванов да ги повлече аболициите за 22 лица од вкупно 56 помилувани, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) го повика македонскиот претседател да ги повлече аболициите за сите лица, бидејќи оваа одлука Специјалното обвинителство ја смета за „селективна правда“. Рокот за поништување на одлуките кои Законот го препиша, сé уште не е истечен. Очекуваме и веруваме дека претседателот ќе го почитува Уставот и ќе ги повлече аболициите. Не смее да има селективен пристап и да се затскрива вистината“, изјави портпаролката на СЈО, Ленче Ристоска. Истрагите и предистражните постапки продолжуваат за лицата за кои Претседателот ја поништи одлуката за аболиција, меѓу кои се и највисоките државни функционери од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Одбраната на дел од осомничените по аболицијата на Претседателот барала да бидат запрени постапките, но Обвинителството, според Ристоска, не ги запрело бидејќи законски нема рок за запирање на постапките. На списокот на аболирани лица имаше осомничени лица, неколку лица за кои воопшто не се воделе никакви постапки, но и еден сведок. Животот на едниот сведок од овој список, заврши трагично, имено Коста Крпач беше најден мртов во неговиот стан во центарот на Скопје. Од Јавното обвинителство соопштија дека се работи за самоубиство, но сомнежите кај дел од јавноста останаа, бидејќи Крпач пред да биде најден мртов наводно се соочувал со притисоци и закани, без разлика дали станува збор од поединци или од страна на обвинителството. Специјалното јавно обвинителство доставило до Јавното обвинителство изјава од Крпач дека има закани и притисоци по неговиот живот, но случајот не го пријавиле во Министерството за внатрешни работи за да го зачуваат неговиот идентитет.

Измените на Законот за заштита на сведоците сé уште е во процедура и, како што беше коментирано, постојат многу недоречности во заштита на сведоците. Други детали од Специјалното јавно обвинителство за овој случај не соопштија бидејќи нивните колеги од Јавното обвинителство водат предистражна постапка за овој случај која сé уште е во тек и е тајна.

СЈО соопшти дека води седум истражни постапки, во кои има 60 осомничени лица и сведоци, а од помилуваните во „Титаник“ не се повлечени аболициите за петмина, во „Тврдина“ за тројца, во „Тортура“ за шестмина, во „ТНТ“ за две лица, како и за две лица во случајот „Пуч“. Бројот на предистражните постапки постојано се зголемува, но како што изјави Ристоска најголем број од предистражните постапки се финансиски истраги коишто бараат повеќе време за да се соберат факти. „Криминалот не е активност која се исплати, така што лицата кои се бават со криминал, освен кривична одговорност, ќе сносат и материјална одговорност, односно материјалната корист, која ја прибавиле незакоски, ќе им биде одземена“, порача Ристоска. Таа упати забелешка до Основниот суд Скопје 1 за случајот „Пуч“ бидејќи и натаму одбива да им ги предаде доказите за овој случај. „Едноставно не ни е овозможен увид во овој случај и покрај тоа што Апелацискиот суд донесе решение Основниот суд да ни ги предаде доказите. Но ние копии од доказите не добивме. Апелацискиот суд утврди дека Основниот суд Скопје 1 ги крши законските одредби, но и понатаму не ни ги даваат“, изјави Ристовска. Истрагите се засноваат на прислушуваните телефонски разговори коишто ги достави опозицијата до ова обвинителство. Доставени се 540.646 аудио записи, а обвинителите пресметале дека само за преслушување на разговорите ќе им треба околу една и пол година. Поради обемноста на доказниот материјал Специјалното јавно обвинителство не може да предвиди кога ќе биде покрената првото Обвинение и против кого. Освен за материјалите коишто ги предаде опозицијата Обвинителството води предистражни постапки и за приватните разговори коишто беа објавени. Проверува дали овие материјали се автентични и кој ги објавил.

Обвинителите од новото обвинителство не знаат од каде му се информациите на Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, дека освен материјалите што ги предаде опозицијата во компјутерот на сега веќе обвинетиот Захир Бекири Чаушот најдени се е и други прислушувани разговори. Досега до Специјалното обвинителство ниту Јавното обвинителство ниту друго лице не ги доставило материјалите. Ристоска потврди дека обвинителите од СЈО добиваат плати од 2.000 до 3.000 евра, но платите и додатоците не ја надминуваат законската рамка и буџетот на Обвинителството. Тие ангажирале и експерти, меѓу кои е и адвокатот Александар Тортевски и професорот Светимир Шкариќ.

За јавноста спорно е ангажирањето на архитектот Мирослав Грчев да го прави вештачењето за уривањето на станбено – деловниот објект „Космос“, бидејќи токму овој архитекот го ангажираше Фијат Цаноски при уривањето на неговиот објект. Од обвинителството велат дека тие се обратиле до Архитектонскиот факултет и Грчев бил случајно избран за да го врши вештачењето. Доколку се сомнева одбраната на осомничените во стручноста на вештакот, Ристоска објаснува дека може да бараат негово изземање.

OhridNews
извор Макфакс