На малиот Кирил, по татко охриѓанец, неодамна му е дијагностициран малиген тумор на левата хемисфера од големиот мозок. Лекувањето мора да започне идната недела во Израел, за што семејството треба да издвои 70 – 90.000 евра, во зависност од начинот на лекувањето. Семејството се обидува на сите начини да ги обезбеди средствата за скапото лекување, а во помошта се вклучиja и граѓани на Охрид.

Охридскиот музичар и фотограф Јован Куциноски во недела во 13.30 часот на градскиот плоштад ќе одржи улична свирка на која ќе се собираат донации за помош на малиот Кирил. 

Во вторник хуманитарен концерт ќе се одржи во кафе барот „Ликвид“, кој исто така ќе биде посветен на малиот Кирил. Сите средства кои ќе бидат остварени од продажба на влезници за хуманитарниот концерт, како и прометот од продажба на пијалаци кафе барот „Ликвид“ ќе ги донира на сметката за донации на младиот Кирил Митрески. 

Во среда во големата сала на Центарот за култура во 20 часот ќе се одржи хуманитарен концерт на кој ќе настапат Емилија Маринова, Горан Папаз и Филип Стојкоски – Зизи со нивниот музички проект “Smile, Dance, Love”, групата „Камелеон”, Ѓоко Танески и актерите Стрезо Стаматовски, Никола Тодоровски и Филип Кипровски. Настанот е поддржан од OhridNews и медиумската заедница, а се очекува активно да се вклучат во него и невладините организации од градот. Собраните средства од концерот ќе бидат донирани за спас на Кирил Митрески.

Во меѓувреме хуманите граѓани може да донираат средства на жиро сметките отворени за таа намена, како и на телефонскиот број за донации. 

OhridNews