Охриѓани вечерва ја покажаа својата хуманост и во целост го исполнија Центарот за култура „Григор Прличев“ каде што беше организиран голем хуманитарен концерт за помош на малиот Кирил Митрески, кој треба да биде подложен на скап третман за лекување во Израел, кој може да чини од 70 – 90.000 евра.

Во име на таткото Горан, кој по потекло е од Охрид, емотивна порака прочита актерот Стрезо Стаматовски.

-Сакајте се, сакајте ги вашите деца и трудете се колку што може повеќе време да поминувате со нив, им порача на охриѓани таткото на малиот Кирил.

На концертот настапија Емилија Маринова, Горан Папаз и Филип Стојкоски – Зизи со нивниот музички проект „Smile, Dance, Love“, групата „Камелеон”, Ѓоко Танески и актерите Стрезо Стаматовски, Никола Тодоровски и Филип Кипровски. Цената на влезниците беше 150 денари, а сите средства од нивната продажба ќе бидат донирани на сметката за донации на Кирил.

На хуманитарниот настан присуствуваше и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кој заедно со општина Охрид ја поддржа хуманата акција.

-Охрид деновиве живее во духот на хуманоста, солидарноста и општите човекови вредности и тоа е нешто што мене, како прв човек на градот и како граѓанин на Охрид навистина многу ме радува и ја покажува силата на вредностите кои ги поседуваат охриѓани и дава надеж дека овој град навистина знае да се мобилизира тогаш кога е најпотребно. Тоа се случи во конкретниов случај за помош и спас на малечкиот Кирил Митрески на кого во овие моменти му е најпотребна помошта на секој граѓанин на Охрид и воопшто на секој хуман човек во Македонија, изјави Бакрачески. Тој најави дека и Охридската локална самоуправа во текот на наредните денови ќе издвои определена сума на финансиски средства, кои ќе бидат уплатени на сметката за донации.

Задоволство од хуманоста која ја покажуваат охриѓани изрази и претседателот на Црвениот крст од Охрид, Сашо Точков.

-Импресионира хуманоста на охриѓани и одзивот во текот на овие неколку дена за помош на малиот Кирил. Свесни сме дека и оваа помош е ограничена и дека сумата која треба да се собере е огромна, но секако и семејството и ние како Црвен Крст очекуваме дека и институциите односно Фондот за здравствено осигурување на Рапублика Македонија ќе најде начин како да помогне во решавање на овој проблем, односно во изнаоѓање на средства за операција на малиот Кирил и за спас на еден човечки живот, рече Точков. Тој упати благодарност до сите оние кои биле вкучени во досегашните хуманитарни активности.

Настанот беше поддржан од OhridNews, Labino Sound, Impact group, Црвен крст Охрид, Астра дизајн, Мега продукција и Центарот за култура.

Инаку во Охрид деновиве се одржаа неколку хуманитарни настани за помош на малиот Кирил. На хуманитарната забава што се одржа синоќа во кафе бар „Ликвид“ биле собрани над 3.000 евра кои денеска биле уплатени на сметката за донации за Кирил. Кафе бар „Шила“ пак вчерашната студентска забава, која била прва по реновирањето на објектот исто така имала хуманитарен карактер.

OhridNews
Фото: ЕМИЛИО