Општина Охрид испратила писмено известување до концесионерот на паркинзите дека се раскинува еден дел од договорот за закуп на паркинзите, поради не почитување на одредби од истиот, информираше денеска портпаролот на локалната самоуправа Томе Џамтоски.

-Градоначалникот Бакрачески денеска писмено го извести концесионерот на паркинзите дека општина Охрид ќе пристапи кон раскинување на договорот за закуп. Всушност се спроведува одлуката на советот на општината од седницата одржана на 10-ти мај. Со ова општина Охрид смета дека закупецот не ги исполнил обврските од договорот и го раскинува договорот за закуп на паркинзите кој се однесува на: улицата „Македоснки просветители“ од пресекот „Туристичка“ до кружниот тек, вклучувајќи го и него со 162 паркинг места; ул.„Партизнанска“, ул. „Кузман Јосифоски Питу“ до пресекот со кеј „Маршал Тито“ вклучувајќи го и паркингот кај Ривиера со 99 паркинг места.-изјави Џамтоски.


Тој изрази надеж дека целокупната постапка ќе заврши брзо во интерес на граѓаните во општината. Концесионерот согласно законот има право на жалба на одлуката на општината, а се до завршување на целокупната постапка општината не може да даде попрецизна информација што ќе биде натаму со спорниот паркинг простор.

-Ќе има транспарентна постапка, а понатаму сигурно ќе има нов режим, но не би сакал да шпекулирам сега околу начинот на работа на паркиралиштата и цената на паркинг додека не заврши постапката.-рече Џамтоски.

Интенција на општината е со паркингот во Охрид да стопанисува јавното претпријатие „Билјанини извори“, кое е и формирано со таа цел.

OhridNews