Добитник на наградата Свети Климент Охридски – Патрон на Охрид, што се доделува за животно дело по повод патрониот празник на градот, е општинската организација на Црвен крст, која оваа година одбележува 70 години делување во земјава, соопшти градоначалникот Никола Бакрачески на денешната прес конференција што се одржа во Куќата на Уранија.

Заедно се раѓавме, растевме, се развивавме. Ние низ лавиринтите на сопствениот животен циклус, а таа цели 70 лета несебично работеше и работи, делува и допринесува за зголемување на свеста кај луѓето и  ширење на универзалните и севременски  принципи:еднаквост и рамноправност, промовирање на мир и толеранција, ефикасна превенција, навремен одговор  и соодветна поддршка на ранливата категорија луѓе. 70 лета, сиот нејзин тим на ангажирани лица и волонтери како и нивните претходници несебично работеа и работат на активности и проекти  кои континуирано го подобруваат животот на многу наши сограѓани. Акцентот на нивното делување кое во овие турболентни времиња е раритет, е свртен кон ублажување на човечкото страдање , заштитата и здравјето воопшто, почит и достоинство за секое човечко битие, особено за време на вооружени конфликти, несреќи и катастрофи, работа на превенција на болести, унапредување на здравствената и социјална добросостојба на луѓето и што е особено значајно- поттикнување на доброволен ангажман и постојана подготвеност за давање помош како универзално чувство за солидарност и хуманост. 70 лета минати со стотици организирани крводарителски акции. 70 лета со безброј хуманитарни активности наменети за наши сограѓани, токму кога тие им биле најпотребни. Оваа највисока општинска награда е големо благодарам од името на сите наши сограѓани кон тимот на Црвен Крст – Охрид за сиот свој труд, време, ресурси, со цел секогаш да бидат таму каде тоа било најпотребно. Оваа награда во исто време е  охрабрување  и поттик на истата и понатака да остане на страната на обичниот, хуманиот и пред се несебичниот човек, рече градоначалникот Бакрачески.

Комисијата во состав Гордана Коњановска- Претседател, Димитар Спасески, Ангел Јанев, Виктор Топаловски, Гоце Толески, Елизабета Јанкуловска и Људмил Видически, оценувањето го извршила врз основ на пет критериуми со оцени од 1 до 5 и тоа: општо значење на делото, значење на делото за градот Охрид,афирмираност на личноста или институцијата, препознатливост од широката јавност и придонес за афирмација на градот, во земјава  и надвор.

Како што информира градоначалникот Никола Бакрачески, за Свети Климентовата награда врз претходно распишан конкурс годинава биле предложени девет видни охриѓани и институции: Општинскиот Црвен Крст, д-р Добрила Зимоска- ЈЗУ Општа Болница, Отворен граѓански универзитет за доживотно учење „Кузман Шапкарев“, Ѓорѓи Трпчески- претседател на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца, проф. д-р Славе Банар-писател, Јован Трпески- Поречки- сопственик на ТВ „Морис“, Влатко Димитров -спортски работник, Тоде Илиевски- писател, шахист и енигматичар и постхумно проф. д-р Никола Крлески.

Наградата на Црвен крст Охрид ќе му биде врачена на свечената академија што ќе се одржи утревечер во Центарот за култура.

Во куќата на Уранија,градоначалникот Бакрачески денес им додели награди на учениците Сергеј Костовски ученик во прва година  во ДТУ „ Ванчо Питошески“  и Ема Николоска ученичка во четврто одделение во ОУ „Григор Прличев“, чии теми беа најуспешни на Литературниот конкурс, кој по повод 8 Декември- Денот на Свети Климент Охридски- Патронот на Охрид, за учениците од охридските основни и средни училишта, го распиша градоначалникот Никола Бакрачески.

OhridNews