Според последните информации добиени од Дирекцијата за заштита и спасување, на браната на Слатинско езеро, утрово, можат да се забележат поголеми оштетувања, кои постојано се зголемуваат, за што придонесуваат и врнежите од дожд, но и несоодветниот материјал од кој во шеесеттите години од минатиот век била направеа браната- глина, камења и земја.


На лице место се претставници од дирекцијата, Центарот за управување со кризи, министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои ги проценуваат ризиците од преземањето на следниот чекор до кој најверојатно ќе дојде- сопирање на испустниот вентил кој се наоѓа на дното на езерото.


Прогнозите не се најдобри. Од една страна браната попушта и од час на час, оштетувањата се се поголеми и може да дојде до целосно нејзино рушење. Од друга страна со испуштање на вентилот за празнење на езерото, со цел да се санираат оштетувањата, се потребни околу 30 дена. Жителите од неколкуте куќи кои се наоѓаат во близина на езерото се евакуирани, но со евентуалното излевање на езерото објектите би биле целосно поплавени како и самата околина, велат од дирекцијата.


Напукнувањата на браната беа забележани во текот на вчерашниот ден. Тие се последица на обилните врнежи од дожд и притисок на акумулираната вода во езерото, како и поради несоодветното санирање на оштетувањата кои и претходно биле присутни.

OhridNews