-Партијата која во Охрид брои вкупно четири члена, од кој најмалку еден не е до крај сигурен во својата партиска определба, очајно се обидува преку соопштенија да се прикаже како релевантен партиски субјект. Доблесно е кога политички партии изразуваат внимание за одредени состојби во општественото живеење во Охрид, но иронично е тоа да го прават оние политички субјекти кои во своето осум годишно практикување власт во Охрид оставија финансиска пустош зад себе.-се вели во осттрата реакција на општината по повод соопштението на ВМРО НП во врска со подмирувањето на патните трошоци на просветните работници.
„Во својата реакција денес, ВМРО-НП се повикува на Меморандум за соработка помеѓу општина Охрид и Синдикатот за образование, наука и култура и превземањето на обврска на локалната самоуправа за подмирување на патните трошоците за превоз на наставничкиот кадар во општината. Но, да ги потсетиме нив, а и да ја запознаеме јавноста, дека токму по таа основа само за една година, од страна на минатото општинско раководство во кое партиципираше ВМРО-НП општина Охрид има финансиски неисплатени обврски кон превозниците од точно 2.199.983,00 денари (со букви: два милиони сто деведесет и девет илјади и деветстотини осумдесет и три денари). Денес токму тие кои создале долг без намера да го платат, упатуваат критики во работењето на општина Охрид. Доколку имале вистинска намера да им помогнат на наставничкиот кадар, тогаш е апсурдно да создаваат долгови кон превозниците и неподмирени обврски на локалната самоуправа. Тоа зборува само за нивната паушалност во размислувањата и обичен памфлетен однос кон општествените субјекти.
Новото раководство на општина Охрид и Градоначалникот Бакрачески немаат намера нереално да го оптеретуваат општинскиот буџет и со тоа да создаваат привидна слика на хармонија. Разговорите со Регионалниот совет на Синдикатот на образование, наука и култура за сите прашања, се поставуваат на реални и остварливи, а не на дневно-политички основи. Само со искрена намера, реално согледување на состојбите и взаемно почитување на обврските, може да се изнајде рационално решение за секое барање. Тоа од нас го очекуваат граѓаните и ние тоа ќе го испочитуваме до крај. “-се вели во соопштението.
Реакција на ВМРО НП на дописот на Општина Охрид
„Недозволиво и жалосно е Општина Охрид, институција која им припаѓа на сите граѓани, веќе во неколку соопштенија со ред, да навредува релевантна регистрирана политичка партија. Нејзината работа не е да ги брои членовите на партиите туку да работи во интерес на сите граѓани. Доколку имаат барем малку демократски капацитет, треба да знаат дека секој поединец може да реагира во јавноста, а да не зборуваме за политичка партија која е трета по бројност, како во Република Македонија, така и во Охрид.
За релевантноста на ВМРО – Народна партија, ќе ги потсетиме дека ние континуирано партиципираме во Советот на Општина Охрид. Во периодот од 2005 до 2009 година имавме пет советници наспроти еден или ниту еден на ДПМНЕ. Од 2009 година па се до денес ВМРО – Народна партија има двајца советници во Советот кои се покативни од сите заедно на коалицијата на движењето.
Што се однесува до идеолошките разлики, сакаме да укажеме дека човекот кој што го препознаваме преку текстовите во соопштенијата како од Локалната самоуправа, така и од движењето ДПМНЕ во последниве години има сменето неколку политички партии, додека ние останавме на четирите свети букви ВМРО. Се надеваме дека Градоначалникот и раководните служби во Општината, кои се ценети, ќе поведат сметка околу начинот на комуникација, се со цел да не се наруши дигнитетот на Општина Охрид кој е граден со децении наназад.
Сосема на крај, редно време е Локалната самоуправа да ги решава проблемите на граѓаните, за што беше и избрана, а не да бара оправдување на т.н. лоши политики на претходната власт. Доколку гледаме од таа гледна точка, државата е најголем должник на фирмите во Република Македонија. Овде се работи за решавање на проблем на една целна група.“-се вели во реакцијата на ВМРО – Народна партија – Охрид.
OhridNews