Осуммина поранешни високи функционери заминуваат од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, јавува „Макфакс“. Меѓу членовите на Извршен на ВМРО-ДПМНЕ веќе не се Владимир Пешевски, Емил Димитриев, Зоран Ставрески, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер и Сашо Мијалков, кој пред почетокот на состанокот денеска самиот најави дека се повлекува од сите партиски функции. Во ИК нема да биде ниту Кирил Миновски, поранешниот министер за финансии.
Повеќето од поранешните високи фунционери на ВМРО-ДПМНЕ се спомнуваат во „бомбите“ кои ги објави опозицијата и неодамна останаа без пасоши поради обвинувањата што кон нив ги покрена Специјалното јавно обвинителство.
Вечерва на состанокот кој траеше речиси до полноќ, ВМРО -ДПМНЕ избра 19 нови лица за членови на Извршниот комитет на партијата. Листата на својот фејсбук профил ја објави Антонијо Милошоски.
Меѓу новите членови се и Бетмен велит кој беше на чело на протестите граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои кулминираа со упадот во собранието на 27-ми април, Никола Србов – еден од основачите на здружението „Стоп операција Сорос“, поранешниот портпарол на владата Александар Георгиев, потоа кошаркарот Дејан Јовановски, Џери Наумов, Сеад Солакоски – лекар од Лабуништа и други. Од стариот состав остануваат Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Влатко Ѓорчев, Коце Трајановски, Никола Тодоров, Никола Попоски, Зоран Савевски.
„Се тресеше гората, се роди глушецот“, вака вечерва еден од реформаторите Александар Михајлоски го коментира „освежувањето“ на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ со нови членови.
Според него, Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ заврши без најава за суштински реформи во партијата.
„Никола Груевски имаше историска шанса на Централниот комитет да ја стави на разгледување и на одобрување Декларацијата за демократизација и модернизација на ВМРО -ДПМНЕ, како вовед во еден процес за структурални промени, на кој начин партијата ќе ја покажеше својата посветеност кон ЕУ и НАТО интеграциите и ќе можеше многу посилна, обединета и реформирана да влезе во изборите, но наместо тоа, одлучи да робува на минатото и на застарените политики, кои партијата ја однесоа во опозиција“, напиша Михајлоски на Фејсбук.
Според него, „освежувањето” на партијата со одредени исклучоци е големо разочарување не само за вмровците, туку и за цела јавност во Република Македонија.
OhridNews
извор: „Макфакс“