Пет лица се тешко повредени во пожарот кој вчера околу пладне избувна над Струмица, пренесува „Макфакс“. Двајца браќа, вработени во ЈП Македонски шуми, еден волонтер, еден пожарникар и едно петнаесетгодишно дете вечерва се пренесени во Градската болница во Скопје на Одделението за изгореници.

 
Според информациите од Градската болница тројца се ставени на респиратор и имаат изгореници од 50 до 80 отсто, а еден од нив е со минимални шанси да преживее. Петнаесетгодишното дете минало со полесни повреди.
 
Повредените ги посети премиерот Никола Груевски, а во Градската болница е и министерот за земјоделство, Љупчо Димовски и заменик министерот за здравство.
 
Во пожарот вкупно се повредени околу 15 лица, меѓу кои седум деца кои се полесно повредени и се згрижени во струмичката болница.
 
Според последните информации поројниот дожд кој ја зафати Струмица го изгаснал пожарот, кој најверојатно го предизвикал човечки фактор.
 
Лицата настрадале гаснејќи го пожарот, кога  невремето ги засилило пламените јазици кои буквално ги опколиле повредените.
OhridNews