Охриѓани и гостите ги одбројуваат последните часови до Новата година. Градот е полн со гости, а се очекува неколку илјади посетители да присуствуваат на дочекот на Новата година на градскиот плоштад, каде во тек се завршни подготовки за вечерашната забава.
Попладнево, беше поставена бината, на која вечерва ќе продефилираат естрадните музички уметници кои ќе ги забавуваат охриѓани и бројните туристи на „најлудата ноќ“ во годината.
Вечерашната забава започнува во 22 часот со настапот на Ѓоко Танески, а веднаш по него следи бендот Камелеон и младиот охриѓанец Петар Маркоски. Половина час пред полноќ на сцената ќе настапат „Аренси бенд“, а вечерта ќе ја заокружи Ристо Самарџиев.
На присутните на плоштадот ќе им се обрати градоначалникот на Охрид Александар Петрески, а на преминот од старата во Новата година над Езерото ќе има голем огномет.
Локалната самоуправава упати апел до сите кои ќе присуствуваат на вечерашната прослава да ги почитуваат безбедносните мерки и да се воздржат од употреба на пиротехника. СВР Охрид соопшти дека се преземаат сите неопходни мерки вечерашниот дочек на Новата година на градскиот плоштад во Охрид да мине во мирна атмосфера.