Новинарите кои ја следеа денешната тензична седница во Собранието на Република Македонија околу донесување на буџетот, на сила беа изнесени од галеријата на парламентот.
Со тоа на медиумите беа оневозможени да ги извршуваат своите задачи и да за информираат јавноста, реагираа претседателот на ЗНМ, Насер Селмани и Тамара Чаушидис, претседателката на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници на Македонија (ССНМ).
– Ова е претседан, новинарите беа тука за да ја информираат јавноста а беа грубо попречени во работата. -изјави Чаушидис.
– Треба да се замислат политичарите каква слика се праќа на меѓународната заедница – изјави Селмани.
Доцна попладнево ЗНМ на вонредна седница донесе одлука за прекинување на разговорите со Владата по денешниот инцидент во Собранието каде на насилен начин беа отстранети новинарите од галеријата каде ги следат пленарните седница.
-Од овие причини Управниот одбор на ЗНМ ги прекинува разговорите со Владата сé додека не се врати уставниот поредок во Македонија, и извршителите и наредбодавачите на ова срамно однесување не бидат откриени и казнети согласно законот. ЗНМ ќе ги искористи сите правни механизми да ја заштити слободата на изразувањето и слободата на медиумите. Исто така ќе ја алармираме целата домашна и странска јавност за случувањата во Собранието“ изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, пренесува „Макфакс“.
Според него, прекршен е Уставот кој ја гарантира слободата на изразување и слободата на медиумите.
-Наредбодавачите на овој срамен чин ја официјализираа цензурата и одлучија што смеат, а што не смеат да следат новинарите. Новинарите насилно избркани со ништо не ја предизвикаа оваа реакција на обезбедувањето, а ниту постоеше правна основа за нивно отстранување. Бевме отстранети за да не бидеме сведоци на отстранувањето на пратениците од опозицијата од салата за седници. Ова е преседан кој не смее да помине неказнето, додаде Селмани.