Од 1986 година до сега, од кога работам во Управата за заштита на културното наследство, немам посредувано во никаква трговија со предмети од нашето културно наследство, изјави првообвинетиот во судскиот процес „Фаланга 2“, Илчо Бојчевски кој бил раководител на Одделението за превенција на културното наследство при Управата за заштита на културното наследство.

Тој пред судот тврдеше дека не зел ниту едно евро од ваква трговија, а потврда за тоа биле кредитите, долговите и блокадите што ги имал на неговата трансакциска сметка.

Според него, обвинението било составено само врз основа на исказ на сведок кој лажел. Како што рече Бојчевски, тој и второобвинетиот, Давид Шикуларац-Циле од Србија, којшто е во бегство, учествувале во разоткривање на криминалот во првата полициска акција „Фаланга” заедно со поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски. Според исказот, Циле кој бил проценувач на културното наследство во пензија, го информирал македонското МВР дека во Србија се продаваат предмети од културно наследство од Македонија.

Бојчевски се сомнева дека го налутил раководството на МВР со изјава што ја дал за емисијата КОД за кражбите на икони во Западна Македонија, во која рекол дека е чудно и несфатливо како нашите безбедносни служби со сите средства и методи со коишто располагаат не можат да дојдат до податоци за извршените кражби на црквите кои се извршени на ист начин.

 „Според мене, овде станува збор за две работи, не сакање или не знаење. Ако е првото тоа постои линк меѓу извршителите и полицијата. Ако е до не знаење, нека си одат и нека остават да работи некој што знае”, е дел од изјавата на Бојчевски, по која тој тврди дека предизвикал голем револт во редовите на МВР и добивал предупредувања.

Поранешниот директор на Управата, Паско Кузман, кој е дел од групата 16 приведени во акцијата „Фалнга 2“, одбрана ќе даде во петок, а дотогаш останува во домашен притвор.

 

OhridNews

Makfaks