Во каналот Студенчишта дојде до помор на големо количество плашица. Првичните наоди укажуваат дека причина е намален доток на свежа вода во каналот, односно недостаток од кислород во водата.


-За жал поради сушата каналот Студенчишта се соочува со недостиг на свежа вода, поради што плашицата која доаѓа да презими тука нема доволно кислород и се движи кон горниот дел на каналот во обид да преживее. За жал поради недостаток на кислород неколку тони плашица угинаа, изјави Лазо Наумоски, од Хидробиолошкиот завод Охрид.


На лице место излезгоа екипи од Заводот за здравствена заштита, Хидробиолошкиот завод и Агенцијата за храна и ветеринарство кои зедоа мостри од угинатата риба со цел да се утврдат точните причини поради кои дошло до помор на плашицата. Од Агенцијата за храна и ветеринарство со апел деновиве да не се купува плашица, која освен што е забранета за лов, се додека не се утврдат точните причини за поморот, согласно законот за безбедност на храна, спаѓа во небезбедна храна.


И покрај апелот голем број рекреативни риболовци ја злоупотребија ситуацијата и со недозволени рибиоловни средства ја изловуваа угинатата плашица, поради што граѓаните треба да се особено внимателни затоа што може оваа риба да се појави на пазарот, предупредуваат од Спортско риболовното здружение „Св. Апостол Петар“.

-Ги алармиравме инспекциските служби и Езерската полиција да не дозволат угинатата риба да се изловува од каналот, затоа што не се знае точната причина за поморот и може да дојде до несакани последици, изјави Радован Димитриески од риболовното здружение „Св. Апостол Петар“.


Димитриески упати апел до институциите да го заштитат подмладокот на пастрмка кој се одгледува во мрестилиштето на Хидробиолошкиот завод, кое исто така се соочува со недостиг на свежа вода откако пресушија Билјанините извори.

OhridNews