Ова е исходот од средбата на двајцата лидери со Претседателот Ѓорге Иванов, еврокомесарот за проширување Штефан Фуле и европратениците Ричард Ховит и Јержи Бузек, одржана денескае во Скопје, пренесува „Макфакс“.
„Задоволни сме што гледаме дека политичките лидери конечно се во можност да ја покажат својата политичка одговорност да договорат решение, кое треба да ја врати земјата кон нормалното функционирање на политичките институции и да продолжат со својата конструктивна работа на евроатланските приоритети во полза на земјата и на нејзиниот народ“, изјави Ховит.
„Договорот е клучен за европската перспектива на земјата, но, иако сум горд што учествував во неговото донесување, важно е што ова е договор што е постигнат од партиите за земјата. Им благодарам со длабока искреност за тоа“, рече Ховит, кој во присуство на Претседателот Иванов на прес-конференција го претстави договореното.
Лидерите се согласија да се формира ад-хок комисија за расчистување на настаните пред, за време и по 24-ти декември, согласно предлогот на Иванов, којашто, меѓу другото, ќе изврши и ревизија на промените на собранискиот Деловник што беа донесени во отсуство на опозициските пратеници.
Договорено е спроведување изборни реформи по локалните избори, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, што би опфатило и ревизија на избирачкиот список.
По изборите, според договореното, би се воделе разговори за целокупната внатрешно-политичка ситуација, вклучувајќи разговори за тајмингот на следните парламентарни избори, без да се прејудицира дали би биле предвремени.
„Морам да искажам задоволство од позитивниот однос на лидерите, и од власта и од опозицијата што конечно овозможија европската агенда да се врати на дневен ред во Македонија“, изјави Претседателот Иванов.
Со постигнувањето на договорот, усогласен е и датумот на одржувањето на четвртиот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво, кој би се одржал во текот на март.
До средината на април ќе биде објавен пролетниот извештај на Европската комисија, согласно декемвриската одлука на Европскиот совет, а во Европскиот парламент ќе биде закажано одложеното гласање по резолуцијата за напредокот на земјата.
Заедничката средба во Вила Водно следуваше по одвоените средби на европреставниците со политичките лидери.
Makfaks