19.20 Се уште нема договор во советот на општина Охрид околу донесувањето одлука за легализација на 80, а по дополнувањето на дневниот ред над 100 бесправно изградени објекти во општина Охрид.
60-та седница најпрвин беше закажана за 11 часот, па одложена за 13. Обид за почеток имаше во 14 часот, по што претседателот на советот даде пауза до 18 часот. Но седницата ниту тогаш не започна, бидејќи немаше кворум, по што уследи нова пауза до 21 часот.
Советничката група на ВМРО ДПМНЕ вечерва не се појави со советничката сала. Партијата претходно излезе со став дека седницата треба да се одложи, а точките предложени на дневен ред да се усвојат по завршување на изборите.
-Бараме одлагање на оваа седница од причина што деновиве до Локалната самоуправа пристигна известување од Комисијата за спречување на корупцијата дека не смее да дсе носат вакви одлуки во предизборен период. Инаку нашиот став е дека ќе го поддржиме донесувањето на овие и други вакви точки за легализација во иднина, но во мкоментов не смееме да одиме против известувањето на Антикорупциската комисија, бидејќи тоа е противзаконски.-изјави Борче Стефаноски советник од ВМРО ДПМНЕ.
Претседателот на Советот Душко Јаковчески вели дека советот со донесување на предложените точки не крши ниту еден закон.
-Согласно законот за спречување на корупција не гледам пречка да се одржи седницата со овие точки на дневен ред, рече Јаковчески.
Тој истакна дека општината и советот сега се помеѓу чеканот и наковалната. бидејќи од една страна се бара од нив да го забрзаат процесот на легализација, а од друга тој се забавува, од што најмногу штета трпат граѓаните.
Советникот од ВМРО НП, Јоне Станкоски, пак, смета дека законското решение советите да одлучуваат по предметите за легализација е несоодветно.
-Сметам дека ова е лошо законско решение и потребно е да се донесат измени во законот со кои советите ќе се изземат од процесот на легализација од проста причина што не можат на една седница да се разгледаат сите барања на граѓаните. Само во Охрид има над 6000 барања за легализација, а на една седница можат да се разгледаат околу 100, што значи дека ќе поминат години за сите тие барања да се одобрат, вели Станкоски. Според него наместо бавната постапка во советите, процесот треба да се препушти на стручни комисии составени од архитекти и правници, со што ќе се забрза легализацијата на бесправно изградените објекти.
Дали советот ќе ја продолжи 60-та седница и ќе го обезбеди потребниот кворум за донесување на предложените точки, ќе се знае вечерва.