Премиерот на Република Македонија Никола Груевски вчеравечер во своето обраќање до јавноста најави дека денеска ќе ја поднесе својата оставка до претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски.

-Навршуваат 100- дена пред 24-ти април, денот за кој е договорено да се одржат Избори и тоа е влезно во закон. Јас стојам и за тој дел од договорот. Сакам конечно да се остави сета неизвесност, да се остават сите проблеми и конфликтност зад нас и сакам нашата држава да оди напред и да продолжи силно да се развива. Утре изутрина до претседателот на Собранието на Република Македонија ќе го испратам моето писмо со оставка на функцијата Претседател на Владата, која ќе биде ефективна на 100 дена пред официјалниот датум на Избори. Оваа оставка ја покажува силата на нашето убедување и вербата во демократијата. Најдобрата победа над оваа валкана кампања против Македонија, водена преку најразлични методи во изминатава година, се чисти избори кои нема да дадат никаков изговор за никого, рече во своето обраќање Груевски.

Груевски истакна дека тој и неговата партија го повлекле овој чекор за доброто на државата и на народот.

Инаку Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера едногласно го изгласа предлогот на Извршниот комитет – Емил Димитриев, пратеник и генерален секретар на владејачката партија, да биде на чело на преодната влада, која треба да ги организира претстојните предвремени парламентарни избори, планирани за 24-ти април.

Координаторот на пратничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на прес-конференцијата потврди дека одлуката Димитриев да го заземе премиерското место, по ефектуирањето на оставката на Никола Груевски, е донесена едногласно во партиските тела. Димовски рече и дека Централниот комитет му дал целосна поддршка и на партискиот лидер Груевски за постапките што ги презема. Според него, владејачката партија со Груевски ќе настапи на претстојните избори.

OhridNews