На денешната прес конференција, Специјалното јавно обвинителство информира дека отвара нов случај, под името „ТНТ“. Станува збор за уривањето на објектот „Космос“ во сопственост на бизнисменот и политичар Фијат Цановски.

Според Специјалното јавно обвинителство во случајот „ТНТ“, нарачатели на рушењето на станбено-деловниот објект „Космос“ на Фијат Цаноски се поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Мотивот за уривањето на објектот бил „одмазнички“, односно причина било тоа што Цаноски, лидер на ПЕИ, ја напуштил владината коалиција и преминал во коалиција со опозициската СДСМ, велат од СЈО.

Како што толкуваше обвинителката Фетаи, наводно Груевски и Јанакиески, кои се помилувани со одлуката на Иванов му наложиле на градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, кој исто така е аболициран, да го урне објектот на Цаноски. Првоосомничена во овој случај е градежниот инспектор на Општина Гази Баба која почнала постапка за уривање. Направила мерење на височина на објектот, кое покажало дека градбата била повисока за 1,43 см, но без да биде направен заштитен тротоар на градбата. Според Фетаи, вештачењето од архитектонскиот факултет, во предистражната постапка, покажало дека таа постапила незаконски. Сепак, на 1 септември  2011 година пристапила кон рушење иако, од фирмата која градела и доставиле стручно мислење на градежната инспекторка, од архитектонскиот факултет, дека е незаконски, но  таа продолжила.

„Уривањето не одело како што замислиле нарачателите, па се пристапило кон уривање со експлозив, без јавна набавка, што е платен 2.999.560 денари“, рече Фетаи. За толку пари, според Фетаи, била оштетена Општината Гази Баба. Наместо општината застапувана од градоначалникот, да се обрати за уривање на фирмата „Трансмед“, која имала договор со нив за такви дејствија, тие преговарале со „Бекатон трејд“, сопственот на починатиот Ф.И., „Интеринженеринг“, сопственост на сведокот  М.В. и „3М изградба“, сопственост на  ќерката на сведокот, да се изврши уривање и да достават понуди до 3 милиони денари, без оглас.

На прес-конференцијата беа прикажани смс пораки кои биле испраќани меѓу Јанакиески и починатиот Ф.И. кој за услугата од Јанакиески бара „витамини“, за неговиот бизнис кој според него бил во „клиничка смрт“. Тој во пораките му вели на Јанакиески дека ќе го направи рушењето за партијата, но го прашува што ќе му следува него за направената услуга. Фирмата немала лиценца за уривање со експлозив, а јавната набавка била спроведена незаконски. Во случајот осомничени се и тројцата членови на Комисијата за спроведување на јавни набавки, а Специјалното јавно обвинителство ќе предложи мерки за обезбедување до Кривичниот суд за сите осомничени.

„Иако во овој случај за извршување на криминалните активности за кои постои основано сомнение дека се извршени, наредба и поддршка имало од тогашното највисоко раководство на државата и навидум се било покриено формално – правно и документанциски, со ова само уште еднаш се докажува дека не постои совршен злостор“, рече Фетаи.

OhridNews