Бројни полициски сили, составени и од специјалци, ги спречија новинарите, медиумските работници и граѓаните кои сакаа да му искажат поддршка на новинарот Томислав Кежаровски, да протестираат пред Музејот на ВМРО во центарот на Скопје, каде се одржува една од манифестациите за одбележување на празникот Денот на македонската револуционерна борба, известува телевизија Телма.
На новинарите и новинарските здруженија не им било дозволено да се доближат до зградата на Музејот, иако протестот беше најавен уште вчера. Тие биле спречени со поставени огради околу зградата, но и физички од страна на полицајците – со пресретнување, оттурнување со своите штитови и со извлечени пендреци од страна на полициските сили.
Како што пренесува „Макфакс“, полицајци ги стопирале новинарите кај фонтаната на плоштадот „Карпошово востание“ и не им дозволиле пристап пред Музејот каде во исто време имаше презентација на нова копија од Црешовото топче по повод 120 години од Денот на Македонската револуционерна борба.
„Кога дојдов полицајците ми побараа новинарска легитимации, кога им ја дадов, ми кажаа дека имаат наредба дека не смееме да се движиме понатаму. Ако имавме поедуцицарни судии, а не политички аргати, дел од властодршците ќе беа во затвор, а не новинар“, изјави Мухамед Зекири, уредник во Алсат-м телевизија.
Новинарите се обидоа да го пробијат кордонот полицајци, но беа повикани специјалци, па новинарите беа истиснати.
„Ги извадија специјалните сили да одбранат државата од слободата на говорот“, рече новинарот Сашо Ордановски.
Кордонот на специјалци за време на протестот сè повеќе и повеќе се зголемуваше. Имаше ироничен аплауз за зголемувањето на бројот на специјалци, но и извици „Полициска држава“.
Новинарите облечени во црно дојдоа да му дадат поддршка на својот колега Кежаровски кој е осуден на четири и пол години затвор за оддавање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“.
На протестот имаше пароли на коишто пишуваше „Бидете неселективни и не ги делете луѓето“, „Гоце, Даме, Шутка е нашето беаскуле“, „Пусто судско“. Сопругата на Кежаровски, Марина Кежаровска низ солзи раскажуваше за голготата која ја минува нејзиниот сопруг.
„Вашата поддршка ме прави горда и силна да ја издржам оваа голгота која ни ја наметнаа. Томче невин скапува во Шутка. Не ми се верува дека го осудија на четири и полгодини, ние станавме живи мртовци подвижни лешови. На средбите од 20 минути во затворот му ја пренесувам вашата поддршка. Условите во Шутка се ужасни, чаршавите кои ги враќа Томче мирисаат на влага и кал. Кога го осудија рече, да бев убиец немаше толку да ме осудат, ми порача да ја чувам нашата ќерка бидејќи неговото завршило“, рече Кежаровска.
Според уредникот на весникот „Нова Македонија“, Зоран Димитровски, иако новинарите дојдоа да протестираат мирно, тоа не им беше дозволено. Тој реагираше за соопштението коешто го испрати Кривичниот суд, во кое што порача дека новинарите не треба да се плашат од новинарски казни, туку треба да се едуцираат.
„Судот испрати срамно соопштение во кое им држи лекција на новинарите дека треба да се едуцираат и што треба да пишуваат за да не доаѓа до вакви судски постапки до нивно судење. Судот премногу си презема ингеренции затоа што новинарите и медиумите се во заштита на јавниот интерес и тие се паралелна и четврта власт. Тие се на исто рамниште со судот и тие се коректив на судот. Не се судиите тие кои може да ги учат новинарите што да прават и како да постапуваат во својата професионална работа“, рече Димитровски.
Протестот заврши со палење на свеќи пред кордонот полиција. Кежаровски беше осуден за откривање на идентитетот на заштитениот сведок, кој потоа сам призна дека бил лажен сведок и дека исказот го дал под пристисок на полицијата.
Музеј на ВМРО: Протестите држете ги пред партиските седишта, не пред музеи
Не може никого да уверите дека организирањето на овој настан токму денеска и токму тука немаше дневно-политичка позадина, регира управата на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, на обидот за организирање протест пред Музејот против пресудата за новинарот Томислав Кежаровски.
„Ве молиме вашите протести да не ги одржувате пред музејските институции, како што тоа денеска го направивте пред Музејот на македонската борба. Не нè користете за дневно-политички цели, држете ги вашите собири пред партиите и другите соодветни институции. Го разбираме правото на слободен протест и слободна мисла секаде и секогаш, но не може никого да уверите дека организирањето на овој настан токму денеска и токму тука немаше дневно-политичка позадина. Денес е голем ден за Република Македнија, ја одбележуваме нејзината долгогодишна борба за државност и самостојност. Не го сквернавете овој голем празник и дозволете музеолошката дејност да функционира онака како што треба“, реагираат од Музејот на македонската борба.
OhridNews
извор:Телма/Макфакс