Здружената опозција обединета во Сојузот за иднината, на митингот што вечерва се одржа во Скопје побара предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори во март 2013

-Често слушам дека следните локални избори ќе бидат некаква пресметка помеѓу една и друга Македонија, ако е така, тогаш ајде да се пресметаме, во март нека бидат заедно и локални и предвремени парламентарни избори, – истакна лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на митингот на здружената опозиција во Скопје.


Црвенковски остро ја критикуваше власта за непочитување на зконот и уставот и ја обвини за недостаток на демократски капацитет и лоша економска политика.

– Ова не демократска туку режимска држава. Газат преку живи луѓе. Ние по 21 година независност и парламентаризам, денес во 2012 година станавме земја на политички затвореници, диригирани медиуми, заплашени ителектуалци, режимски синдикати и полтронски стопански комори. Само кај нас власта организира протести против опозицијата, рече Црвенковски.


Црвенковски изрази загриженост за меѓуетничките односи, кои, како што истакна, од 2001 до денес никогаш не биле вака влошени и евтино злоупотребувани. Тој и забележа на власта дека цело време игра на карта на лажен патриотизам кој ги загрозува интересите на државата.

-Од патриотизмот направија најпрофитабилен бизнис. Цело време не бранат, те од Грци, те од Албанци, те од Брисел, те од Вашингтон. Седум години само за НАТО и ЕУ ни зборуваат. Колку повеќе ни зборуваат, толку повеќе на Белорусија личиме. Ако на 10-ти декември добиеме датум за преговори, тоа ќе значи дека Никола Груевски се договорил за промена на името. Ако тоа не се случи, ние НАТО и ЕУ не гледаме, рече Црвенковски додавајќи дека тоа е вистината и народот има право да ја знае.

Свое обраќање на митингот имаше лидерот на ЛДП и кандидат за градоначалник на општина Центар Андреј Жерновски, кој истакна дека власта е таа која сега треба да се плаши, а не граѓаните.

-Кој се плаши сега премиере? Кај кого е стравот сега Груевски? Од вечерва стравот не е кај граѓаните, туку кај Владата на Република Македонија, рече Жерновски, посочувајќи дека доаѓа време на одлучност и храброст и пресметка на оние кои се за и против Република Македонија.


На митингот беше официјално претставен и кандидатот за градоначалник на градот Скопје Јани Макрадули, кој најави победа на претстаојните локални избори и враќање на загубениот сјај на метрополата.

-Во Скопје владее идеологија на турбо фолк политичка архитектура. Власта има за многу непотребни проекти, но на Градот му недостасува задравствени објекти, опремени училишта и гасификација, истакна во говорот Јани Макрадули. Тој повтори дека нема да ги урива изградените објекти во центарот на главниот град зашто, како што рече, тие не биле како ВМРО-ДПМНЕ за да уриваат легално изградени објекти како зградата “Космос”. Макрадули најави дека ќе биде извршена ревизија на проектот и ќе се бара одговорност и казна на злоупотребите, кои според него биле извршени при изградбата на спомениците од Скопје 2014.


На митингот на „Сојузот за иднината“ кој го сочинуваат СДСМ, ВМРО-НП, ЛДП, Достоинство и Обединети за Македонија, присуствуваа неколку десетици илјади граѓани.

OhridNews