Советот на општина Струга на првата седница, што се одржа денеска, не избра претседател на овој орган на локалната самоуправа.  Ниту еден од двајцата предложени кандидати не го доби потребното мнозинство на седницата на која присуствуваа 25 советници.


За кандидатот на коалицијата „Заедно за Струга“ на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ Јулија  Зуноска, ЗА гласаа  11 советници, а 14 беа ПРОТИВ, додека за кандидатот на ДПА Абдула Ќазимоски 9 советници беа ЗА, 11 ПРОТИВ, додека 5-те советници на ДУИ гласаа ВОЗДРЖАНО.

Според советникот од СДСМ Даме Ложанкоски, изборот на Македонец за претседател на советот е во интерес на соживотот.

Тоа пред се и во интерес на толеранцијата, мора да живееме заедно и милам дека природно е во овој момент да имаме претседател на советот од македонската етничка заедница.-истакна Ложанкоски.

Никола Затуроски, советник од ВМРО ДПМНЕ, смета дека ДПА во случајот со Струга треба да постапи како ВМРО ДПМНЕ во општина Долнени.

-Ако можеше нашата партија во Долнени да попушти каде имаме Македонец градоначалник а претстевател на совет е од ДПА зошто тоа не би се случило и тука, рече Затуроски.

Градоначалникот Села излезот од сегашната ситуација го гледа во компромис кој треба да го постигнат политичките партии во советот и изрази подготвеност да помогне да се изнајде решение.

-Тоа што е основно во политиката е компромис и преговарање. Ако советниците и политичките партуи се подготвени за преговори, јас сум подготвен да седнам да преговарам со сите нив. Јас изјавив уште пред да стапам на функцијата дека ќе сум градоначалник на сите граѓани и така треба да работат и советниците и не треба да има поделби по етничка основа. -изјави Села.

Според него изборот на претседател на совет треба да се заснова на принципи кои треба подеднакво да се почитуваат како на локално така и на централно ниво.

-Треба  да почнеме да се почитуваме едни со други, ако од тоа треба да почне од Струга со изборот за претседавач на совет, зашто да не отвориме тема и во собрание, претседател на Собрание да биде Албанец на пример.-изјави Села

До изборот на претседател, седниците на советот ќе ги води најстариот советник.
 

Г.М.