Под влијание на обилните врнежи од дожд и снег, што деновиве го зафатија Охрид, утрово се скрши голема гранка од 11 века стариот Чинар, на плоштадот „Крушевска Република“.


Неодамна беа преземени мерки за санација на стариот
чинар, но за жал тие не го заштитија ова древно дрво прогласено за
споменик на природата.
 

 

OhridNews пред неколку месеци со серија натписи
алармираше на крајно лошата состојба во која се наоѓа стариот чинар и
пренесе ставови на експерти кои изразија стравување од вакви последици. Тие предупредија дека покрај најпознатиот охридски чинар, во многу лоша состојба се наоѓаат и чинарите во Воска и Кошишта.

Експертите предупредуваат дека Чинарот во населбата Воска од кој е останата само една гранка, може да се скрши при невреме. Сериозна опасност претставува и Чинарот во населбата Кошишта кај кој е забележана појава на сушење на крошната и гранките и може да дојде до нивно кршење, со што е загрозена безбедноста на жителите од зградата која се наоѓа во непосредна близина, но и на  минувачите. Ваквите стравувања се покажаа оправдани, кога неодамна од ова исто така многувековно дрво се скрши голема гранка.

Инаку, не епрв пат стариот Чинар во Охрид да претпрпи оштетувања од невреме. Во 2002 година во невремето што го зафати Охрид се скрши дел од Чинариот, по што беше извршена санација на стеблото. Таа и ден денес се оспорува од стручната јавност, која смета дека токму несоодветно извршената конзервација е преичина за влошување на состојбата на овој споменик на природата. Дел од експертите укажуваат дека е потребно најитно да се изврши статичко обезбедување на охридските чинари и да се побара меѓународна помош за санација на оштетените делови од дрвјата, бидејќи  евентуална нестручна интервенција може да предизвика несакани последици.

Легендата вели дека најстариот Чинар во Охрид го засадил Св. Климент Охридски пред 1100 години. Поради своето значење во 1967 година овој Чинар беше прогласен за споменик на природата и е ставен под заштита на државата.

OhridNews