Видни странски компании пројавиле интерес за изградба на хотелско-угостителки комплекси и објекти за развој на здравствен туризам на потегот кај поранешната Детска болница, која е лоцирана на Охридското крајбрежје во населбата „Свети Стефан“.

Градоначалникот Никола Бакрачески денеска објасни дека Управата за имотно правни односи деновиве го објавила и вториот оглас за продажба на земјиштето на оваа локација.

-Првиот оглас кој беше објавен пред околу месец и половина заврши и на него немаше пријавени кандидати. Со корекција на некои критериуми Министерството за финансии преку Управата за имотно правни односи објави втор оглас кој веќе е во тек. До сега неколку странски компании од Украина, Катар, Англија и од Азербејџан покажаа силна желба и силен интерес да инвестираат во изградба на хотелски комплекси за здравствен туризам, изјави градоначалникот Бакрачески.

Тој се надева дека вториот оглас за продажба на ова земјиште ќе биде успешен и дека хотелско-угостителските капацитети на овој потег од крајбрежјето ќе бидат во функција за три до четири години.

OhridNews