„Оваа инвестиција за нас е можност да се развиваме во сегмент што го владееме одлично. Млечната индустрија има можности за развој единствено ако се вложат средства. Без инвестиции ниеден бизнис не е оддржлив, а посебно не сегментот на земјоделството каде тие се повеќе од потребни. Нашите намери во оваа земја се искрени, а со оглед на гео – стратешката положба на земјата, можностите за успех на еден бизнис се големи. Анализите ни покажуваат дека со правилни инвестиции ќе успееме да ја оствариме нашата цел да бидеме лидери во овој сегмент во регионот. Можностите за развој се големи само треба да се искористат.“ – изјави Рој на прес-конференцијата.
Како што потенцира Рој, инвестицијата на „Сахара Груп“ се однесува на обезбедување на инфраструктура за извршување на земјоделските работи, набавка на машини, изградба на модерна фарма со современ систем на молзење и на најсовремена млекарница за производство на млеко и млечни производи.
За реализација на оваа инвестиција во изминатите месеци се изврши анализа на состојбите во македонското земјоделство од страна на стручни тимови на „Сахара Индија Паривар“ со претставници на Министерството за земјоделство врз основа на распишаниот тендер за агрокомбинатот Џумајлија, а биле користени и експерти од Европа и САД за планирање и реализирање на инвестицијата.
Според проекциите покрај директни вработувања кои се очекува етапно да достигнат 6000, директна и индиректна корист од инвестицијата ќе имаат 35.000 земјоделци кои ќе чуваат стока и ќе произведуваат храна за стока на површина од 5335 хектари. Модерната млекарница која е планирано да се изгради се очекува да ги задоволи потребите за млеко на Македонија, која сега увезува околу 30 проценти од потребните количини, а дел ќе биде наменето за извоз.
–Господинот Рој веќе ја уплати банкарската гаранција за реализација на инвестицијата која ќе придонесе за развој на земјоделството и сточарството. Утре заедно со претставници на „Сахара“ ќе се излезе на терен со цел да се изврши премер на земјиштето, за што е можно во пократок временски рок да започнат активности за рестартирање на агрокомбинатот „Џумајлија“, изјави министерот за земјоделство Љупчо Димоски.
Сахара Индија Паривар поседува десетици компании и има над милион вработени лица. Групацијата има компании во делот на недвижнини со проекти за изградба на населби, има големи инвестиции во делот на спортот во крикет, формула еден, поседува неколку медиуми, хотели во Лондон и Њујорк, Мумбаи, осигурителна компанија, во делот на производство на електрична енергија, здравство, студио за изработка на филмови, ИТ технологијата, туризам и образованието.
Инвестициите во Македонија се одвиваат во етапни фази поради долгиот рок и комплексноста на изведување на проектите.