19 годишниот Васко Довлев од Варош го фати крстот што на празникот Богојавление Водици, денеска, беше положен во осветените води на Охридското Езеро. Тој беше најсреќен помеѓу неколкуте стотини капачи.
Скокам многу години. Уште од мал се капам. За првпат го фаќам крстот. Чувството е многу убаво. Едноставно во раце ми дојде, чувствував дека е за мене. Падна до мене и само ја пуштив раката. Чувствував, едноставно со верба во Бог, одев во црква и постев и кога имаме верба се ќе биде. Најбитно здравје, среќа, љубов на сите, рече Довлев.
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, посака многу здравје, мир и среќа на сите, а на фаќачот на крстот му посака успешна година.
На фаќачот на крстот му посакувам да има успешна година како и секој оној кој успеал да го фати и се надевам дека уште многу многу години ќе успееме да го славиме овој празник кој за Охрид и охриѓани е дефинитивно најголем. Најбитната работа е што денес при вакви услови со силен јужен ветер и големи бранови го прославивме празникот, но бериќет и убавини да дава. Традиционално Општина Охрид на фаќачот на крстот му доделува икона и крст од филигран, рече Пецаков.
Покрај градоначалникот, честитки на фаќачот на крстот му упатија Владиката Дебарско – кичевски Тимотеј, како и премиерот на Владата Димитар Ковачевски, кој присуствуваше на Богојавленскиот водосвет во Охрид.
Претседателот на Владата, Ковачевски, утрината присуствуваше и на литургијата во црквата Успение на Пресвета Богородица, којашто се служеше во чест на денешниот голем христијански празник Богојавление – Водици.
Симболиката на влегувањето во водите, како потсетување на Исусовото крштевање во реката Јордан е значајна и поради безвременската порака на којашто упатува празникот, дека во природата на луѓето е шансата да се биде подобра личност. А денешниот ден упатува токму на обновата како важен дел во духовниот развој на луѓето и за доброто на општеството. Со меѓусебно разбирање и грижа едни за други, да покажеме духовна зрелост и да дадеме заедничка поддршка на мирот и на развојот како заедничко добро. – порача Ковачевски во разговор со свештенството и присутните верници, соопшти Владата.
На одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици во Охрид, присуствуваше и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој упати честитки до сите, посакувајќи задрвје, мир и спокој.
На сите православни христијани им посакувам здравје, среќа, успех, мир тоа што ни е потребно на сите нас и на сите граѓани кои не го слават овој ден, а се наши сограѓани во Македонија. Нека ни донесе пред се здравје овој ден, да бидеме спокојни и мирни во душата бидејќи тоа е најважно. Да му го честитам овој среќен момент на фаќачот на крстот, рече Мицкоски.
Традиционално, фаќачот на крстот заедно со неговата тајфа денеска ќе ги посетат домовите на охриѓани честитајќи им го големиот празник Богојавление – Водици.
Покрај неповолните временски услови и силниот јужен ветер, настанот на градското пристаниште во Охрид го проследија голем број граѓани од Охрид, земјава и светот. Меѓу нив и претставници на дипломатскиот кор.
Одбележувањето на големиот верски празник Богојавление-Водици и годинава се одржува во организација на Дебарско – кичевската епархија и локалната самоуправа, а со поддршка на јавните претпријатија, Црвен крст Охрид, нуркачките клубови, здравствените установи, ТППЕ Охрид, СВР Охрид.
Н.С.Ј.