На иницијатива на канцеларијата за односи со јавноста, Секторот за внатрешни работи Охрид и граничната полиција регионален центар Запад, ќе се вклучат во хуманитарната акцијата за помош на единаесет месечниот Кирил Митрески од Охрид кој боледува од редок вид на рак на примарниот мозок.
– Посакувајќи нашиот млад сограѓанин да ја победи болеста, да има безгрижно детство, здрав и среќен живот, полициските и другите службеници од полициските станици во Охрид, Струга, Кичево и Дебар, својата хуманост ќе ја покажат со доброволно собирање парични средства за лекување како и со донирање преку мобилните оператори на отворените мобилни броеви 070/143-153 и 075/077/143-462. Искрено сакаме да го дадеме својот придонес кон побрзо собирање на потребните парични средства за нашиот млад охриѓанец на кого, од срце му посакуваме успешна операција, добро здравје, да има среќно детство и долг живот и заедно со неговото семејство да им се радува на убавините на животот, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Собраната хуманитарна финансиска помош, СВР Охрид ќе ја достави на денарската сметка – Кирил Митрески: 370006305464561 при Еуростандард банка АД Скопје.
На иницијатива на ученичката заедница и младинската организација, денес и во ОУТУ „Ванчо Питошески“ се организираше хуманитарна акција за прибирање средства за помош на малиот Кирил.
Учениците од ова училиште подготвија пирошки кои им беа понудени на вработените и учениците. Средствата кои се собраа од оваа хуманитарна акција ќе бидат уплатени на сметката за донации.
OhridNews