Ситуацијата пред македонското Собрание сé повеќе се вжештува. Група граѓани со јајца и портокали се обидоа да го погодат пратеникот Амди Бајрам, при неговиот обид да влезе во зградата на парламентот.

На улиците пред Собранието на Република Македонија  се собрани две групи граѓани, едните протестираат во поддршка на заложбите на опозицијата да не биде донесен Буџетот за 2013 година, и „да се престане со манипулација од страна на Владата“, а другите се собрани со цел да ја поддржат Владата и изгласувањето на Буџетот во најбрз можен рок.

Ситуацијата уште повеќе ескалираше кога постар човек, поддржувач на опозицијата се најде меѓу „контрадемонстрантите“, поддржувачите на Владата кои веднаш се впуштија во вербална расправија која со интервенција на полицијата беше спречена да прерасне во физичка пресметка.

Двете групи пред Собранието се на растојание од пет метри, а полицијата прави сé што е во нејзина моќ за да спречи судир меѓу двете групи.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи (МВР), Иво Котевски изјави, дека протест во форма на револт законски е дозволено,  но не мора да биде најавен, а доколку помине со инциденти тогаш последиците ќе ги понесе оној што го организирал. Во практиката протестот се најавува 48 часа пред неговата реализација.

Makfaks
фото: „Дневник“