Сите нежените мажи со навршени 35, односно, жените кои имаат над 30 години, треба да плаќаат данок во висина од една месечна плата – ова е предлогот на лидерот на ТМРО, Ванчо Шехтански, што деновиве го изнесе пред симпатизерите во Гевгелија.
Според Шехтански, воведувањето на овој данок, ќе придонесе за градење на здрава личност во рамките на државата. Главната цел, меѓу другото, е зголемување на наталитетот кој последниве години е со интензивен пад. Тој потенцира дека државниот систем до сега вложувал во секој поединец, овозможувајќи им на граѓаните бесплатно образование, социјална и здравствена заштита.
Идејата на лидерот на ТМРО, вчера беше експресно отфрлена од страна на владејачката партија ВМРО-ДМНЕ, со образложение дека е неприфатлива.
Доцна синоќа, пак, партијата ТМРО на Ванчо Шехтански се повлече од предлогот за воведување на посебен данок што би го плаќале неженетите над 35 години и немажените над 30 години.
„Соопштение на ТМРО за ергенски данок не наиде на позитивен одек во пошироката јавност, па од мое лично име се извинувам на сите засегнати од овој предлог кој го повлекуваме”, се вели во соопштението за повлекувањето на предлогот даден неколку часа претходно












