Копенхаген, Братислава и Берлин се трите нови дестинации кон кои од аеродромот „Александар Велики“ во Скопје ќе сообраќа нискобуџетната авиокомпанија „Визер“. Со новите линии, авиокомпанијата има повеќе од еден милион седишта на располагање за 2016 година, што претставува пораст на капацитетот за 22% споредено со 2015 година.

-Денес одбележуваме безмалку пет години и два милиона патници со реномираната нискотарифна авиокомпанија Визер, што за ТАВ Македонија претставува значајно достигнување за развојот на аеродромите. За многу кратко време се воведоа многу нови летови до европските метрополи. Летањето стана привилегија на сите граѓани поради пристапните цени на авиобилетите, со што се овозможи многу луѓе, меѓу кои млади лица, цели семејства, како и наши иселеници од дијаспората почесто да патуваат. Од друга страна и многу туристи и бизнисмени почнаа да ја откриваат Македонија. Ваквиот избор на дестинации и маркетиншките политики на Визер и на ТАВ холдингот, како и владините субвенции за нискобуџетните авиокомпании, придонесоа скопскиот и охридскиот аеродром да станат аеродроми со најбрз раст во регионот, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Според бројот на превезени патници, Визер има 49,2% пазарен удел на двата македонски аеродрома во 2015 година. Нуди нискобуџетни линии до 24 дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром, притоа поврзувајќи ги македонските граѓани со 11 држави.

Првиот лет на Визер од Скопје се случи во јуни 2011 година, а оттогаш авиокомпанијата постојано ја шири својата мрежа во Македонија. Во октомври 2012 година воспостави своја база во главниот град и сега има три воздухоплови и 84 вработени со седиште во Скопје. Во јуни лани, Визер почна со летови и од охридскиот аеродром. 

Инаку ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со пораст од 22% на вкупниот број на патници на двата македонски аеродрома – „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, достигнувајќи бројка од 1.560.381 патник. Истовремено, вкупниот број на воздухопловни операции беше 15.510, со пораст 11% на годишно ниво.

 

OhridNews