Македонската и германската полиција уапсија уште 50-тина членови на Франкфурт мафијата, во продолжението на акцијата „Диригент“ којашто се спроведува од 2009 година и се апсат лица кои продавале дрога во Франкфурт и переле пари преку македонски фирми.
Во најновиот дел од акцијата во Македонија уапсени се 12 лица, едно лице веќе издржува казна затвор за друго кривично дело, а по уште тројца осомничени за растурање на дрога сè уште се трага. Во Германија пак, според првичните информација уапсени се 37 лица, од кои 19 се македонски државјани, а другите се странски државјани кои соработувале со овие криминални групи.
Македонската и германската полиција изминатава година обезбедувале дополнителни докази против лицата инволвирани во криминалните групи. Шестмина од уапсените во Македонија најверојатно се директно инволвирани во трговијата со наркотици, додека за другите десет лица постојат индиции дека се инволвирани во перењето на пари кои нелегално биле заработувани преку продажба на дрога.
– Сè уште течат претресите во домовите со судска наредба, а ќе се врши претрес и во фирмите бидејќи постојат индиции дека биле користени при извршувањето на перењето на пари при ставањето во легален промет на парите коишто биле заработени од незаконската продажба на наркотици на улиците во Франкфурт, а потоа трансферирани за Македонија”, информираа од МВР.
Претреси се вршат во Скопје, Велес, Куманово, Струга, Битола, Штип, Свети Николе.
Упапсените биле членови на три различни криминални групи коишто биле поврзани меѓу себе, а дрогата ја купувале во Македонија и други земји членки на Европската унија, ја подготвувале, ја мешале и ја нуделе на улиците на Франкфурт. Главно продавале хероин.
Вкупно од 2009 година наваму, во Македонија и Германија уапсени се околу 450 лица, од кои 380 во Македонија за продавање на дрога во Франкфурт и перење пари.
OhridNews
Makfaks,
.
.
OhridNews