Имено, на 12.07.2012 во 18.10 часот пријавена е поплака од страна на Ќ.М. против неговиот син Вејсел за физичко и психичко малтретирање. Пријавителот барал Вејсел да биде спроведен во Душевна болница „Бардовци“–Скопје за што обезбедиле лекарски упат од специјалист невроспсихијатар. По заведената поплака со цел апсење и спроведување на лицето во наведената установа во 19,00 часот испратена била група за интервенции од струшката Полициска станица во неговиот дом во село Калишта, каде што отткако Вејсел ги забележал полициските службеници се дал во бегство кон Охридското езеро. Во 21,45 часот, според добиените сознанија, Вејсел на влезот од.Калишта извршил разбојништво врз таксистот Т.Т. од струшко Мислешево, такси возач во компанијата „Џокер-Класик“ и физички напад врз двајца холандски државјани кои биле патници во такси возилото. Под закана со нож, кој што Вејсел му го ставил на вратот на таксистот му наредил да го носи во Радолишта и кога стигнале таму му зел 200 денари и ги пуштил да си одат, а тој заминал кај неговиот тетин во Радолишта. Таму биле и неговата тетка, како и неговиот татко и сестрата врз кои Вејсел извршил насилство. Од кога успеале да го извадат надвор од куќата во повеќе наврати од страна на семејството на Вејсел телефонски во 23,54 часот на 192 била побарана помош. Први кај куќата во 00,10 часот пристигнала сообраќајната полиција која била пречекана од таткото кој им кажал дека Вејсел побегнал во населба Фиериште, каде потоа бил и пронајден.
Кога полициските службеници излегле од возилото и се упатиле кон него за да го приведат, заради реализација на дадената задача од страна на полициските службеници било дадено гласно усно предупредување да застане лицето и да се предаде. Предупредувањето било повторено три пати, по кое од двајцата полицајци бил испукан по еден куршум и повторно упатено предупредување да застане. Отткако Вејсел не ја почитувал наредбата и продолжил да бега од страна на полициските службеници, според нивно кажување, повторно бил испукан по еден куршум. После кратко време Вејсел бил фатен во дворот од една куќа во с.Радолишта, каде што во меѓувреме пристигнало засилување со други полициски службеници, кои кревајќи го со цел да го стават во полициското комбе забележале крв на устата на Вејсел и веднаш се упатиле во Медицински центар – Струга со цел пружење хитна медицинска помош.
Кога пристигнале во МЦ Струга од страна на лекар по општа медицина била констатирана смрт, а од страна на хирург од првичен преглед на телото констатирана е влезна рана предизвикана од огнено оружје во горниот лев дел од грбот.
После оваа констатација известени биле дежурен Истражен судија и Јавен обвинител, кои со увидна екипа од СВР-Охрид, ПС-Струга и преставник на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, ивршиле увид на лице место и презеле мерки и активности со цел за целосно расчистување на случајот.
Истражен судија издаде наредба за вршење на обдукција врз телото на сега покојниот, а одземените предмети да се достават на вештачење.
В.М. пред неколку дена бил пуштен од ,,Душевната болница,, Демир Хисар“, а подолго време боледувал од тешка психичка болест која се манифестирала со исклучително агресивно однесување. Против него, повеќе пати се поднесувани кривични пријави за телесна повреда и Прекршочни пријави за физички напад кои Вејсел ги вршел кон членови на неговото семејство како и спрема други лица. По неговото отпуштање од „Душевната болница“ – Демир Хисар неговите татко, брат и сетра, плашејќи се од физичко и психичко малтретирање побегнале од нивниот дом и се сместиле под кирија. На 11.07.2012 година исто така е добиена телефонска поплака од страна на Ќ.М. за неговиот син Вејсел кој продолжил со агресивно однесување кон семејството и други лица.
По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.