Автобусот со 30-те деца од Украина, што два дена беше заглавен на македонско-бугарската граница е пропуштен во Бугарија и е на пат за дома, известија од украинското Министерство за надворешни работи, пренесува „Макфакс“.

„Во понеделник, по интервенција на Министерството за надворешни работи на Украина, децата од фолклорното друштво добија бесплатни визи. Конзулот замина на местото и ги придружува децата на нивниот пат кон границата со Романија. Денеска тие ја поминаа бугарско-романската граница и, придружувани од украинскиот конзул, се движат кон границата со Украина“, изјави Олександр Дикусаров, портпарол на украинското МНР.

Проблемот настана откако бугарските власти првично не дозволија влез на децата, кои се враќаа од фестивал во Македонија, поради проблем со нивните визи. Нивниот автобус беше заглавен на граничниот премин Деве Баир-Ѓуешево.

Водачите на групата алармираа за недостатокот на храна со кој се соочуваат, а посочија и на помошта што ја добиле од македонските погранични служби.

OhridNews
извор:„Макфакс“