На Регионалните смотри на хорови и оркестри од основните и средните училишта, чиј домаќин беше ООУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид, на кој настапија хорови, оркестри и вокално-инструментални формации од повеќе училишта од Охрид, Кичево и Дебар, младите хористи од охридските училишта имаа успешен настап.

Оваа година, високи први награди освоија хорот и оркестарот при ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид, предводиени од професорите Александар Димоски и Љупчо Аслимоски, и хорот на ООУ „Братство и единство“ од Охрид, предводен од професорот Бурим Хидри. Со тоа истите се стекнаа со правото на учество на гoдинешените Републички смотри.

Први награди, исто така, освоија и орфовиот оркестар при ООУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид, предводен од професорката Виолета Ангелеска, мандолискиот оркестар при ООУ „Саид Најдени“ од Дебар, предводен од професорот Махмут Марку, и хорот при ООУ Христо Узунов предводен од професорот Бојан Лушкоски.

Во одлично светло се претставија и останатите учесници.

Предметот музичко образование и музичка уметност, како и активностите од областа на музиката подолго време се несоодветно третирани во наставните планови и програми кај нас, и одговорноста за тоа постојано се префрла. Притоа нашите колеги работат во исклучително тешки услови, полагајќи сметка единствено на сопственот ентузијазам и жртва, кои ретко правилно се вреднуваат. Затоа сакаме да им се заблагодариме, и да им изразиме поддршка во нивните напори да се изборат за достоинството на музиката и професијата наставник по музика. Им посакуваме успех во нивната понатамошна благородна мисија, преку музиката, да го помагаат интелектуалниот, духовниот и морален просперитет на нашите деца. – истакнаа членовите на жири комисијата на Регионалните смотри на хорови и оркестри од основните и средните училишта.

OhridNews