Улицата „Стив Наумов“ во близина на индустрискатта зона кај поранешна Слобода, претпладнево по втор пат беше блокирана. Импровизираната блокада со кофи повторно ја постави охриѓанецот Мевљаим Арифи, револтиран од инцидентот што се случил во саботата кога автомобил ја удрил неговата внука пред семејната куќа, а возачот побегнал од местото на настанот. Тој и тогаш ја блокираше улицата, со барање кое го повтори и денеска за санација на оштетувањето на коловозот, што настанало по интервенција на јавно претпријатие.
– Останувам на кажаното. Нема да го пуштам патот, секој ден ќе го блокирам, се додека не проработи свеста кај советниците или градоначалникот да се среди оваа дупка што се ископа. Секој ден ќе ги информирам медиумите затоа што од другите нема аир, бидејќи како што гледате тие што ја ископаа дупката не доаѓаат да ја санираат. Ако не ќе ја доископам улицата. – рече Арифи.
Блокадата траеше триесеттина минути, до доаѓањето на сообраќајната полиција, која му нареди на Мевљаим да ја отстрани импровизираната блокада, што тој и го направи. Полицијата направи официјален записник за случајот, а на сите новинарски екипи кои известуваа од местото на блокадата им беа побарани возачките документи, за како што беше кажано, евиденција на настанот.
За време на блокадата повеќе возила беа приморани да се вратат и да бараат алтернатива за да стигнат до својата дестинација. Имаше и нервоза. Еден возач се обиде да ја отстрани блокадата за да помине, во што беше спречен од Мевљаим Арифи.
Полицијата го опомена Арифи дека не смее да блокира јавен пат и да ја зема правдата во свои раце, а за решавање на проблемот го упати на надлежните институции.
OhridNews
Видео: Охриѓанец час и половина блокираше улица бидејќи кола му ја удрила внуката

















