ВМРО Народна партија го напушта опозицискиот „Сојуз за иднината“.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и ВМРО-Народна партија денеска излегоа со заедничко соопштение во кое се наведува дека двете партии донеле одлука на евентуалните следни предвремени парламентарни избори да настапат самостојно.
„Станува збор за партии со различни програмски платформи, коишто се обраќаат на граѓани со различна идеолошка определба. Од тие причини заклучено е дека секоја од партиите, со поединечниот настап, ќе може подобро да се доближи до граѓаните на кои им се обраќаат, а исто така на тој начин и да ја добие вистинската доверба од своето гласачко тело. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и ВМРО-Народна партија изразуваат задоволство од коректната и принципиелната соработка во изминатиот период. И понатаму останува заедничката цел на сите политички партии од опозицијата, а тоа е победа на следните избори и рушење на власта на Никола Груевски.“-стои во заедничкото соопштение.
Како што дознаваме, одлуката ќе се однесува и на локално ниво. Извори од ВМРО НП посочија дека партијата и натаму ќе биде опозиција во Советот на општина Охрид, но дека ќе дејствува самостојно.
Во коалицијата „Сојуз за иднината“ во Советот на општина Охрид партиципираа двајца советници на ВМРО НП.
Претходно од Сојузот за иднината истапи и партијата Достоинство на Стојанче Ангелов.
OhridNews