Тензичната состојба во струшкото село Октиси која настана поради спречувањето на жителите од муслиманска вероисповед да се изврши осветување на темелите на црквата Св. Димитрија, се смири. Страстите слегнаа по доаѓањето на градоначалникот на општина Струга, Зијадин Села и митрополитот дебарско- кичевски г. Тимотеј кои разговараа со насобраните жители- од една страна македонците кои се за изградба на црквата и од друга македонците- муслимани кои се против.
Жителите се разотидоа, а договорено е по една недела да се одржи средба на која ќе учествуваат градоначалникот Села, митрополитот г.Стефан и претставник од Исламската верска заедница, на која ќе се разговара за надминување на проблемите.
Собирањето на жителите муслимани започна утрово, околу 10.30 минути, половина час пред да започне предвиденото осветување на темелите на црквата, по што следуваше и излегување на македонците од селото по што мораше да интервенира и полицијата која со кордон ги раздвои насобраните со цел да не дојде до поголеми инциденти.
Како што за OhridNews изјави Поп Зоран од Вевчанската парохија под која се црквите во Октиси, Вевчани и Горна Белица, собирањето на жителите муслимани почнало по утринскиот повик од локалниот оџа.
– Оџата утрово ги повика верниците од муслиманска вероисповед на мирен протест да го спречат поставувањето на темели на црквата, кои требаше да бидат осветени од страна на Митрополитот дебарско- кичевски г. Тимотеј. Локацијата на која треба да се гради црквата се наоѓа на земјиште во сопственост на македонската православна црква и ги имаме сите потребни документи и одобренија за нејзина изградба, вели Поп Зоран.
Околу пладне во Октиси пристигнаа и градоначалникот на Струга Зијадин Села и митрополитот г. Тимотеј кои разговараа со насобраните.
Т.К.