СВР Охрид изнесе повеќе детали околу тешката сообраќајна незгода што се случи утрово, во 5.25 часот на улицата „Питу Гули“ во која загина едно лице. Од полицијата информираат дека станува збор за 26-годишниот Д.Ј. од охридското село Велгошти кој управувал патничко моторно возило марка „Форд Мондео“ со охридски регистарски ознаки и се движел од „Стара бензиска“ во правец кон кружната крстосница кај Општата болница.
– Во критичниот момент, сега починатиот, изгубил контрола врз возилото, преминал на спротивната-лева сообраќајна лента, излетал од коловозот и директно удрил во дрво. Неговата смрт, на местото на сообраќајната незгода ја констатирал доктор од Итната медицинска помош, чија медицинска екипа набрзо пристигнала на улицата „Питу Гули“. – информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
На местото на тешката сообраќајна незгода извршен е увид во присуство на Јавен обвинител, овластен судски вештак и полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид. За време на увидот, немаше застој во сообраќајот.
По наредба на Јавен обвинител, врз телото на сега починатиот ќе биде извршена обдукција како и дополнително техничко вештачење врз патничкиот автомобил.
OhridNews













