Во Србија уапсен е 38- годишниот охриѓанец кој минатата година, заедно со уште едно лице, киднапираа и ограбија брачен пар од Скопје, кој во бесознание го оставија на падините на Галичица. Подоцна истрагата утврди   дека разбојниците употребиле средство за успивање кое го ставиле во инстант кафе со кое го послужиле брачниот пар.

Од СВР Охрид го потврдија апсењето на охриѓанецот и информираа дека преку македонското министерство за правда ќе биде побарана екстрадиција на лицето.

Како што дознаваме, осомничениот бил приведен во Врњачка бања под обвинение за извршена тешка кражба. Имено, ноќта меѓу 17- ти и 18- ти јануари охриѓанецот од бугарски државјанин со кој делеле изнајмена соба, украл техничка стока во вредност од 1000 евра.

По него македонската полиција има распишано меѓународна потерница, за извршено кривично дело „ разбојништво“, врз основ на која се очекува министерството за правда да го поднесе барањето за екстрадиција.  

Охриѓанецот од јуни минатата година кога и се случи инцидентот, беше во бегство, додека неговиот соучесник за кратко време беше приведен и е на отслужување на затворска казна.

Разбојниците, брачниот пар од Скопје го намамиле да дојде во Охрид, по пројавениот интерес на претходно  поставен оглас на социјалните мрежи за продажба на возило Мерцедес. Договориле средба која ја оствариле на 3-ти јуни во Охрид, по што сопружниците ги одвеле во стан, каде биле послужени со инстант кафе и минерална вода . После тоа брачната двојка почувствувала зашеметеност и губење на свеста. Кога се освестил сопругот забележал дека се наоѓа на планина на место со поглед на Езеро, а до него во бесознание лежела неговата сопруга. Тој забележал дека таа го има мобилниот телефон кај себе со кој тој се јавил и ја известил полицијата за случајот.

OhridNews