Тенок слој нафта го покри каналот Студенчишта каде утрово започна да тоне руинираниот брод „Мис Стон“. Наоколу се шири непријатна миризба, а траги од гориво има по течението на каналот кој се влева во Охридското Езеро.

На метото на настанот се екипи на охридската Капетанија и на армијата кои со специјални средства го неутрализираат истеченото гориво. 

–Формиран е тенок слој од истеченото гориво на повеќе од половина од каналот. Се преземаат сите неопходни мерки за неутрализирање на истеченото гориво. Реагиравме на време и сметам дека нема да има посериозни последици по еко системот. – изјави за OhridNews раководителот на капетанијата на пристаништата Горан Устијаноски.

И покрај еколошкиот инцидент на каналот Студенчишта денеска има голем прој рибари кои ловат риба која често и се продава.

За инциденот алармирани биле сите надлежни институции. Како што дознаваме во текот на утрешниот ден ќе има состанок на одговорните чинители и локалната самоуправа, на кој ќе се договараат мерки и начини за дислоцирање на сите стари пловни објекти од каналот Студенчишта кои претставуваат потенцијална опасност за Охридското Езеро и живиот свет во него.

 

OhridNews