Поради врнежи од снег, вечерва, воведена е забрана за движење на тешки товарни возила и на планинскиот премин Буково, а снегот предизвикува проблеми и во урбаните средини, информира СВР Охрид.

-Стапува на сила забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Охрид – Ресен кон превојот Буково. Напоменуваме дека на овој патен правец, како и на коловозите во Охрид има појава на голомразица поради што апелираме на крајно внимателно управување со возилата. Препорачуваме без поголема потреба да не се тргнува на пат со патнички возила и задолжително да се носи зимска опрема. – истакна портпарот на СВР Охрид Стефан Димовски.

Поради врнежи од снег забрана за тешки товарни возила има и на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан, на планинскиот премин Пресека, како и на патниот правец Маврово – Дебар, информира АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. На сите патни правци во државата има слаби врнежи од снег. Намалена видливост поради појава на магла има на Попова Шапка од 10 до 15 метри.

Се препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

OhridNews