15:20 Вработени во АД Пошта на РСМ во Охрид денеска одржаа мирен протест поради доцнење на исплатата на декемвриската плата. Се извршуваа само неопходните услуги. Извесен период не работеа платниот промет, банкарски услуги, уплата, исплата и достава за граѓаните. Исклучок беа институции како судот, полицијата, УЈП, болници и слично. Во текот на протестот вработените добија плата и истиот е прекинат.
Незадоволните работници велат дека денешниот протест се однесувал исклучиво на потребата од навремена исплата на платата, што согласно закон треба да се изврши најдоцна до 15-ти во месецот. Зоран Петрески од Синдикална организација на поштенските работници – КСС во АД Пошта на РСМ, потсети дека за тоа е потпишан и договорот помеѓу синдикатите и Владата.
Овој договор го имаме како уставно работничко право. Владата од сите приватни организации бара до 15-ти да се исплати личен доход и сите давачки кои се однесуваат на работничките права. Досега, секогаш кога го правиме протестот има плата веднаш. Не се сомневам дека и денес, ќе имаме плата. Но, ова стана навика. Би сакале да ја прекинеме таквата навика. Не обвинувам никого. И не сакам ова да се протолкува во политички контекст, вели Петрески.
Тој посочи дека на 21 јануари лидерите на синдикатите во АД Пошта на РСМ (ССМ, КСС) потпишале согласност за протест во случај на доцнење со исплатата на плата, но работите тешко се движат напред.
Владата на Република Македонија нас ни е работодавец што значи дека ние сме АД компанија во државна сопственост. Тоа, пак, значи дека таа ги решава сите наши проблеми. Морам да напоменам дека не само оваа Влада, претходната, туку сите влади во изминатите 30 години ништо не придвижиле во корист на работниците, истакна Петрески.
Тој истакна дека постојат многу големи проблеми во работењето на компанијата, како и нелојалната конкуренција, обвинувајќи дека на пазарот има приватни пошти кои се граничат со сивата економија.
Немаат никакви технички услови за работа. Додека ние имаме развиена мрежа низ сите помали и поголеми градови. Се судруваме со големи проблеми кои може да ни ги решат само Владата и државата. Од друга страна ние немаме соодветни услови за работа, немаме доволно средства, немаме греење, немаме опрема, немаме возила со кои би ја обавувале поуспешно работата. Проблем е староста на работната сила. И покрај тоа се трудиме на граѓаните да им ги пружиме потребните услуги, додаде Петрески.
Македонски пошти: Тенденциозни протести
Од Македонски пошти сметаат дека е крајно тенденционо и несериозно органирањето на протест од страна на еден синдикат на вработените во компанијата, во услови кога за сите вработени платата е веќе обезбедена.
Од тие причини веруваме дека протестот е политички мотивиран, а вработените се изманипулирани со што се нарушува нормалното функционирање на претпријатието. Би сакале да потенцираме дека Синдикатот е навремено информиран, дека проблемот е решен и дека за сите вработени има обезбедено плата. Но сво разочарување мораме да констатираме дека вработените се злоупотребени од одредени политички структури кои тенденциозно се обидуваат да го нарушат работењето на Пошта на Северна Македонија, стои во соопштението на
Истакнуваат дека раководството на компанијата е во постојана комуникација и координација со Владата со цел надминување на сите проблеми кои настануваат во тековното работење.
Залагајќи се за разрешување на сите настанати состојби, упатуваме апел до сите синдикални организации да се вклучат во решавањето на сите предизвици кои се соочува нашето претпријатие, без да бидат провоцирани и манипулирани. Уште еднаш потенцираме дека Пошта на Северна Македонија работи со полн капацитет, а во наредниот период ќе работиме на подигнување на ефикасноста на компанијата и услугите кон сите комитенти, се наведува во соопштението.
Н.С.Ј./Г.М.
















