Единаесет нови случаи на заболени од ХИВ се регистрирани за само три месеци, во периодот од јануари до средината на март годинава, jaвува „Макфакс“.

Сите од нив се мажи, а дури осуммина се заразиле преку секс со други мажи, додека тројца од нив го добиле вирусот преку незаштитен сексуален однос со жени. Пациентите се на возраст од 20 до 29 години, а најмладиот од нив е тинејџер, објави Дневник, врз основа на резултатите од тестирање на над 200 лица со ризично однесување што го спроведоа Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство и невладините организации ХОПС, ХЕРА и Егал.

Началникот на одделението за сексуално преносливи болести во ИЈЗ д-р Жарко Караџоски вели дека во последните години се зголемува бројката на мажи кои се заразиле со вирусот преку секс со мажи, односно за 10 години нивниот број е зголемен од 10 на 51.

Исто така, пишува Дневник, зголемен е и бројот на нови случаи на ХИВ/СИДА. Лани за 12 месеци имало 25 регистрирани случаи, оваа година за само 2,5 месеци има 11 новопријавени.

„Бидејќи на никого на чело не му пишува дека е заразен со ХИВ, за да се заштитиме, во секој треба да се сомневаме дека можеби е носител на вирусот, па задолжително да се практикува сексуален однос со кондом, а интравенозните зависници од дроги да користат стерилен прибор“, предупредува Караџовски.

Според последните податоци на ИЈЗ, заклучно со 29 ноември 2013 година, вкупниот број на лица кои живеат со ХИВ/СИДА во Македонија е 194. Од нив, 143 лица се болни од СИДА, а 51 се ХИВ позитивни. Вкупниот број на умрени лица од СИДА е 71.

Минатата година се регистрирани 25 лица заразени (23 мажи, 2 жени) со овој вирус и два смртни случаи од СИДА.

Кај најголем број од случаите, 14, вирусот е пренесен при сексуален однос на маж со маж, а во еден случај вирусот е пренесен д мајка на плод. Според возраста, најголем број заразени се на возраст од 20 – 29 години.

Реакција на ХЕРА на написот со податоците за заболени од ХИВ во Македонија

„Усилена сензационалност која тиражот го става над информирањето, превентивните мерки и заштитата од дискриминација“, е насловот на реакцијата на невладината организација ХЕРА на написот на дневниот весник „Дневник“ дека во Македонија за три месеци се регистрирани 11 нови случаи на заболени од ХИВ.

„Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА остро реагира на написот објавен во весникот „Дневник“ од 19 март 2014 година, со наслов „ Алармантно ширење на ХИВ: од 11 нови случаи, осум се од врска на маж со маж“ поради следниве причини: Демантираме дека ХЕРА учествувала во наведеното истражување и известуваме дека главните информации на кои се темели текстот сѐ уште не се публикувани. Бројката на лица со ХИВ во објавената вест е далеку од алармантна имајќи предвид дека се работи за истражување со кое целно се интензивира тестирање за ХИВ во рамки на група која е од особен ризик за ХИВ (односно кај мажите кои имаат секс со мажи), што е во согласност со Националната стратегија за ХИВ 2012- 2016. Земајќи ги предвид дури и овие податоци, Македонија не влегува во земји со концентрирана епидемија кај одредени групи, и останува земја со ниска стапка на ХИВ. Бомбастичната информација, употребената фотографија и терминологија не само што обвинува, дискриминира и го зајакнува стереотипите од осумдесеттите години на минатиот век дека една група на граѓани е виновна за епидемијата на СИДА, туку ги руши досегашните превентивни напори. Со оваа вест граѓаните на Република Македонија можат да помислат дека не се изложени на ризик од ХИВ само затоа што не припаѓаат на групата – мажи кои имаат секс со мажи“, стои во писмената реакција на ХЕРА.

Од таму потенцираат дека не постојат ризични групи туку ризично однесување за ХИВ и дека целта на сите превентивни програми за ХИВ е да се зголемува бројот на лицата кои се свесни за својот ХИВ статус во рана фаза од ХИВ инфекцијата.

Она што загрижува во Македонија, велат од ХЕРА, е тоа што бројот на тестирања за ХИВ е сѐ уште многу низок (под 1% на годишно ниво).

„Остануваат нашите препораки дека треба се зголеми опфатот на лицата кои доброволно се тестираат со ХИВ за да го дознаат својот статус, како помеѓу групите од особен ризик од ХИВ, така и помеѓу општата популација. Повторуваме дека е потребно да се осигури, во основните и средни училишта, младите можат да научат за она што во моментов не се учи, а тоа се информации за ХИВ, сексуално преносливи инфекции, врски и заштита“, се наведува во писмената реакција.

OhridNews