Табла со натпис кој ги предупредува граѓаните дека водата не е за пиење утрово е поставена на познатите Билјанини извори. На ваков чекор надлежните се решиле откако повеќе последователни контроли покажале присуство во водата на бактерии опасни по здравјето на луѓето.
Се работи за извор од отворен тип од кој дел користи Водовод Охрид која вода се третира и е исправна за пиење, дел оди во Хидробиолошкиот завод за мрестилиштата со риба, а дел е прелив што истекува во Билјанини извори и таа вода ниту може да се контролира ниту да се хлорира, бидејќи ќе смета на мрестот, вели директорот на МЈП „Проаква“ РЕ Водовод Охрид Томе Паскалоски. Тој појасни дека водата од Билјанини извори периодично е неисправна за употреба, додавајќи дека не значи дека по извесен период нема да биде исправна и дека поставената табла за предупредување во тој случај ќе биде отстранета.
-Треба да има три последователни анализи кои не одговараат на правилникот за вода па ние да реагираме и да поставиме табла за предупредување иако тоа не е наша обврска. Во координација со локалната самоуправа се постави таа табла после третата анализа. Таа вода од преливот кај Билјанини извори во моментов не е за пиење, додека водата од градскиот водовод редовно се хлорира и таа е исправна за употреба.-нагласи Паскалоски.
Запрашан на што се должи проблемот, директорот на Проаква истакна дека со години наназад ситуацијата е иста и дека во дадени периоди од годината нетретираната вода од Билјанини извори е неисправна.
-Можеби тоа се должи на дренирање на некои води од бачилата кои се наоѓаат на потегот над Хидробиолошки завод и натаму. Имаше разни анализи и толкувања, меѓутоа експертите треба да се произнесат, затоа ние во моментов поставивме табла дека преливната вода од Билјанини извори не е за пиење.– истакна Паскалоски.
Томе Паскалоски
Паскалоски вели дека ЈП Водовод редовно ги добива анализите за квалитетот на водата во градскиот водовод и дека истата секојдневно се контролира. Но проблеми има со селските водоводи, со кои не стопанисува јавното претпријатие, вели тој.
-Дел од селските средини не сакаат ЈП Водовод да стопанисува со локалните водоводи за да може населението и понатаму да ја користи водата без надомест и контрола за наводнување на земјоделските површини. – укажува Паскалоски. Тој додава дека ЈП Водовод и покрај тоа им помага на месните заедници во санирањето на неисправните пумпи за хлорирање и дека такви интервенции во изминатиот период се направени во повеќе охридски села. Неодамна била остварена и средба со претставници од месните заеници на која се разговарало за проблемот со одржување на локалните водоводи, но засега не постои правен механизам со кој одговорните во селата, во случајов месните заедници, ќе се задолжат да водат поголема грижа, односно редовно да вршат хлорирање на селските водоводи и да го евидентираат тоа.
На средбата со новинарите директорот на МЈП Проаква се осврна и на проблемот со водата во градскиот водовод во Струга, демантирајќи ги наводите на Центарот за јавно здравје дека истата е неисправна за пиење. Тој рече дека таквите информации не кореспондираат со реалната состојба, уверувајќи ја јавноста дека водата од градскиот водовод во Струга редовно се хлорира и контролира и дека стружани можат да бидат спокојни оти пијат безбедна вода.
Г.М.